Џулијан Асанж е сериозно болен, тврди неговата мајка

Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж има сериозни здравствени проблеми, вклучувајќи и долготрајна инфекција на белите дробови, изјави неговата мајка во интервју за австралиското радио Еј-Би-Си. 

Како што пренесе ДПА, Кристин Асанж изјави дека нејзиниот син навистина е многу болен – има проблеми со срцето, хронична белодробна инфекција и длабока и остра болка во рамото. Според неа, откако во 2012 година доби азил во Еквадорската амбасада во Лондон тој имал можност само сосема кратко да биде на сончева светлина. Лекарите му препишале преглед со магнетна резонанса и по еден час дневно да минува на сонце, но „Владата на Велика Британија тоа го одбива”, изјави мајката на Асанж. Еквадорската амбасада во Лондон на Асанж му даде азил за да ја избегне екстрадицијата во Шведска, каде тој е осомничен за извршување сексуални кривични дела.
Од 2014 година се појавуваат различни информации за здравоствената состојба на Австралиецот, потсетува ДПА. Во јули минатата година „Дејли телеграф” цитираше извори од Викиликс, според кои, Асанж има аритмии, хронична кашлица и висок крвен притисок. Оттогаш неговите адвокати даваат оценки дека здравјето му е кревко.
Еквадорските власти инсистираат на негово привремено ослободување од одговорност за да може да му се извршат прегледи.

Асанж е незаконски притворен

Групата независни стручњаци на ОН соопшти во петокот дека основачот на разобличкувачкиот интернет ресурс WikiLeaks, 44-годишниот Австралиец Џулиан Асанж, е незаконски притворен во еквадорската амбасада во Лондон и оти би требало да биде ослободен и обештетен, се наведува во изјавата на експертската група.
„Работната група за незаконски притвор смета дека различните облици на лишување од слободата на коишто Џулиан Асанж бил подвргнат претставуваат форма на незаконски притвор. Работната група смета дека незаконскиот притвор на Џулијан Асанж би требало да биде завршен, за да се почитува неговиот телесен интегритет и слободата на движењето, како и дека има право на надомест”, изјави шефот на експертската група на ОН, Сеонг –Фил Хонг.
Асанж во четвртокот изјави дека ќе ја напушти територијата на еквадорската амбасада во Лондон и ќе го прифати апсењето во петок, доколку работната група на ОН донесе одлука против него, но истакна дека очекува да му биде вратен пасошот и да се запрат сите натамошни обиди за апсење, доколку одлуката биде во негова полза. Асанж се засолна во амбасадата на Еквадор во Лондон со политички азил во јуни 2012 година, за да го избегне предавањето на Шведска која го бара за распит по наводи за силувања во 2010 година, што тој го негира и смета дека може да биде екстрадиран во САД каде ќе биде обвинет за шпионажа, поради тоа што WikiLeaks од 2006 година објави стотици илјади доверливи документи за американските војни во Ирак и во Авганистан, како и тајната дипломатска преписка.
Две млади жени го обвинуваат Австралиецот за сексуално напастување во 2010 година во Стокхолм, за однос без согласност и за незаштитен секс, но против него обвинение уште не подигнато, бидејќи тој не е сослушан.

Останати вести