Ѕвоната – радосни гласници на Христовото раѓање

Во бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител” 12 црковни ѕвона го најавија Христовото раѓање на 7 јануари. Засега ова е единствениот црковен објект во Македонија и еден од ретките на Балканот, каде што овој ѕвон ќе ѕвони по урнекот на руските православни цркви, што до скоро не можеше да се слушне во земјата 

Црковните ѕвона на верниците им ја доближуваат мелодијата на царството небеско. Тие се радосни гласници на црковните празници, весници на божјото раѓање и воскреснување. Овие блажени звуци го следат животот на христијанинот од раѓањето до смртта. Тие носат радост, но и утеха за тажните.

По урнекот на руските цркви

Во бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител” годинава 12 црковни ѕвона го објавија Христовото раѓање. Засега ова е единствениот црковен објект во Македонија и еден од ретките на Балканот каде што овој ѕвон ќе ѕвони по урнекот на руските православни цркви, што до скоро не можеше да се слушне во земјата.
– Во Македонија е новина во црквите и манастирите да се ѕвони на овој начин, но благодарение на нашиот старец, отец Партениј, се враќа оваа традиција и кај нас. И на Балканот, освен на Света Гора, овој начин на ѕвонење долго беше замрен. Но во Русија оваа традиција е сѐ пораширена и има специјални школи во кои се учат сите видови ѕвонење. Некои од најдобрите фабрики во светот за производство на црковни ѕвона се наоѓаат во Јарослав и во Вороњеж, каде што се наоѓа производствениот завод „Вера Вороњеж”, од каде што потекнуваат и ѕвоната донесени во Бигорски. Тие пристигнаа тука пред пожарот во 2009 година. Имаме сет од 12 камбани, а како да ракуваме со нив научивме од инструкторот Денис Латишев од Молдавија. Тој, пак, учел кај мајсторот Андреј Дјачков, во една од најпознатите руски школи. Не само што ни помогна да ги монтираме ѕвоната туку една недела нè обучуваше, а ни остави и цеде за да продолжиме да се усовршуваме – вели отец Еразмо.
Тој заедно со уште неколку монаси од овој манастир: отец Кирил, отец Сергеј, отец Евнувиј, отец Аверкиј, а од скоро и отец Нифонт, ја совладува техниката на новото ѕвонење, кое, како што вели, е потешко но многу поубаво од претходното.
– Секоја недела се ѕвони, а исто така и за сите поголеми празници. Има празничен, таканаречен прекрасен, архангелски, венчален ѕвон, ѕвонење кога некој ќе почине, архијерејски ѕвон за пречек на архијереи и будничен ѕвон, наутро за будење на монасите. Освен во нашиот манастир, неодамна и за црквата во изградба „Свети Константин и Елена” во центарот на Скопје се набавени вакви ѕвона – објаснува отец Еразмо.
Тој е член на манастирското братство веќе 10 години.
– Кога отец Партениј го затекна манастирот тука имаше стари камбани, слично на католичките, кои се со едноставен ѕвон. Има една оска и се добива звук со нишање. Во православието ѕвонењето е многу побогато. Камбаните се обесени на греда, прицврстени и не се нишаат, клатното (чеканот) е врзано на едно дрво и служи како инструмент. И поголемите, потешките три камбани се движат со нога, а десната рака ги тропа најмалечките три ѕвона. Средните се тропаат со левата рака, а басовите со десната нога. За да се ракува со овие 12 ѕвона е потребна синхронизација, за да се добие убава мелодија – открива отец Еразмо.
Еден од ѕвонарите во манастирот е и отец Евнувиј:
– Кога дојдов во манастирот во 2010 година добив послушание меѓу другите задолженија да бидам и ѕвонар или камбанар во манастирот. Прво учев од Денис Латишев од Молдавија, а потоа од отец Еразмо. Не е многу тешко да бидеш ѕвонар, но треба многу вежбање. Денис ми кажа да слушам еден ѕвон и потоа да импровизирам, па на крајот да се вратам на почетниот ѕвон, што често го практикувам. Оваа вештина е слична на свирење на тапани, што ми беше голема желба порано. Големите камбани се на папуча, со нога се ракуваат зашто се тешки, а некои ѕвона имаат улога на чинели – вели отец Евнувиј.
Има и цивили што учат да тропаат на ѕвоната, најмногу во текот на Светлата недела, по Велигден. Еден од нив е Николче Грнчаров, самоук уметник, кого го сретнавме во манастирот, каде што веќе неколку години волонтира.
– На Велигден со благослов на отците и јас понекогаш ѕвонам на овие ѕвона. Големо задоволство е во Светлата седмица, кога се слави Христовото воскреснување, на овој начин да се слави името Господово. Таа празнична недела секој може да тропа со дозвола на игуменот, отец Партениј, секако во придружба на манастирските ѕвонари. Уметноста за мене е умешност да откриеме што сè можеме да направиме со нашите раце – рече Николче.
Во манастирот во саат-кулата има електронски ѕвона, кои во 12 часот напладне го свират тропарот на свети Јован, а во 21 часот се слуша ѕвон за повлекување, а тоа е кондакот на Пресвета Богородица. Синхронизиран е со атомскиот часовник во Франкфурт на Мајна. Може да се меморираат многу ѕвонења, а со ова електронско ѕвонење ракува отец Кирил.
Инаку, дарител на сетот од 12 ѕвона во камбанарија е г. Андреј Куку, директор на „Лукоил Македонија”, долгогодишен пријател на манастирот.
– Најголемата камбана што е монтирана одделно ни ја подари г. Иван Постоловски од Скопје, со своето семејство, инаку и тој голем пријател и дарител на манастирот. Оваа камбана е излеана и поставена во 2013 година, а нашиот Старец, архимандрит Партениј, ја посвети на 1.150-годишниот јубилеј од Моравската мисија на светите браќа Кирил и Методиј и 700-годишнината од Миланскиот едикт на св. цар Константин, со кој му се дава слобода на христијанството и престанува неговото гонење во Римската Империја – ни рече отец Кирил.

Ѕвоното има форма на цвет од зумбул

Камбаните како појава во источната православна црква и православното служење имаат корен во длабокото минато. Особено биле познати дванаесетте камбани што го краселе храмот „Св. Софија” во Константинопол, кои биле донесени од Венеција по барање на тогашниот византиски император Василиј Први Македонецот (867-886). Овие ѕвона стоеле во храмот на Божјата премудрост до освојувањето на Константинопол од страна на Османлиите, кои имале практика да ги уништуваат и претопуваат камбаните насекаде каде што освојувале православни земји
Првото, пак, споменување на камбаните при христијанското богослужение црковното предание му го припишува на св. Павлин Милостив, епископ нолански (353-431). Имено, во неговото житие се вели дека св. Павлин видел ангел што држел цветови од зумбул што произведувале прекрасен звук. Дивите зумбулчиња му ја покажале на св. Павлин формата на камбаните што биле употребени при богослужењето.
– Најпрво ѕвоната се осветуваат пред да почнат да се употребуваат. Во молитвата на осветувањето се вели дека сите оние што ќе ги слушнат црковните ѕвона треба да почувствуваат ревност, радост, да ги поттикне да побрзаат кон црквата. Нивното тропање го благовести Царството небесно и ги обессилува нечистите сили во воздухот – вели отец Еразмо.

(“Нова Македонија”)

Црковните ѕвона влијаат на човековото здравје

Според некои научни испитувања извршени во Русија, црковната музика, а особено ѕвонењето на црковните ѕвона, благотворно дејствува на човечкото здравје. Во руските лаборатории, со помош на експеримент, утврдено е дека осцилацијата на ултразвучниот дијапазон на црковните ѕвона ги одбива бацилите на чумата, потоа вирусите и други инфективни заболувања што се пренесуваат преку воздухот.
Современиот руски научник, еколог и писател Фотиј Јаковлевич Шипунов, управник на лабораторијата за истражување на биосферата на Руската академија на науките, со години го изучувал влијанието што на својата околина го вршат православните храмови и манастири.
– Манастир е небоземен поим. На манастирите непрекинато се спуштаат зраците на небеските сили што оживуваат. Таму гори небескиот оган. Уште повеќе, тоа може да се провери и со помош на современите физички инструменти. Дури и таму каде што останале само темелите на разурнатиот манастир, во време на големите празници, со помош на инструментите, може да се чуе литургијата – вели Шипунов.
Дванаесетоктавната звучна симфонија на ѕвоната што ѕвонеле во големите манастири, какви што се „Задонски”, „Данилов”, „Спаски”, на растојание од седум километри, според податоците на мерењето – ги стерилизирала сите патогени организми. Тие не можат да ги издржат осцилациите на ултразвучниот дијапазон, а ултразвукот е многу силен енергетски извор со кој може да се сечат стебла, да се кршат тули. Пред дванаесет години ја истражувавме околината на Јелеховската соборна црква, за време на Божиќ. Кога ѕвонело големото ѕвоно бил уништуван вирусот на грипот, објаснува Шипунов.

Останати вести