Владата на Кина соопшти дека политиката на едно дете, официјално во сила од 1979 година, спречи 400 милиони раѓања. Родителите се соочуваа со парични и други казни ако имаат повеќе деца.
Сепак, „мошне е неверојатно” дека политиката имала толку големо влијание, вели Стјуарт Гител-Бастен, вонреден професор по социјална политика на Универзитетот во Оксфорд. Тој тврди дека поголемиот дел од намалувањето на стапката на плодност во Кина се случило во 1970-тите години. Стапката падна од 5,8 деца по жена во 1970 година на 2,7 во 1978 година. И покрај политиката на едно дете, стапка се намали само за 1,7 до 2013 година.
До 2007 година, Кина тврдеше дека само 36 отсто од нејзините граѓани се ограничени да имаат едно дете. Тоа делумно се должи на олабавување на правилата, наведувајќи дека двојките би можеле да имаат две деца ако тие двајцата биле по едно дете.
„Бројката од 400 милиони се базира на претпоставката дека ако не беше воведена политиката на едно дете, стапката на плодност би останала иста”, вели Гител-Бастен. Тоа би било единствен случај за Кина меѓу земјите кои доживуваат сличен индустриски и економски развој во истиот период, додава тој.
Политиката на едно дете е причина што повеќе семејства ги убиваа своите ќерки, за кои традиционално се смета дека имаат помали можности да добијат добро платени работни места отколку нивните синови. Откако беше воведена политиката на едно дете, женските новороденчиња беа со поголема веројатност да умрат отколку момчињата.
Во 1970-те години, според Обединетите нации, 60 машки од 1.000 живородени деца починале на возраст под една година. Кај женските деца бројката беше 53. Во 1980-те години, откако политиката на едно дете стана официјална, стапката за двата пола беше 36. До 1990-те години, 26 машки на 1.000 живородени деца и 33 девојчиња починале пред да наполнат една година. Во 2000-те години починале 21 машко од 1.000 живородени деца и 28 девојчиња.
Секако, податоците за смртност кај доенчињата ги опфаќаат сите причини за смрт, како несреќи и болести, но промената е забележлива. „Праведен заклучок” би бил да се сугерира дека чедоморството има улога во тоа, вели Џонатан Кејв, економист на Универзитетот „Ворвик”.
На секое девојче родено во Кина има 1,16 момчиња, јавува официјалната новинска агенција Ксинхуа. „ЦИА ворлд фектбук” наведува дека само Лихтенштајн има повисок коефициент, од 1,26 момчиња родени на секоја девојче.
Полово-селективните абортуси се наведуваат како главна причина за невообичаената нерамнотежа во Кина. Но, Гител-Бастен вели дека податоците за Кина се „сиромашни”, и дека раѓањата на многу девојчиња не се регистрираат ако родителите го прекршиле правилото да имаат две деца. Кога станува збор за училишна возраст, бројката на момчиња и девојчиња кои се запишуваат е со тенденција да биде повеќе еднаква, додава тој, велејќи дека официјалните лица честопати замижуваат пред овој проблем.
Но, се проценува дека сега во Кина има 33 милиони повеќе мажи отколку жени.
Со стареењето на населението на Кина и продолжувањето на политиката на едно дете, описот на домаќинствата е „4:2:1″ што значи дом со четири баби и дедовци, за кои се грижат двајца работоспособни родители, кои пак имаат едно дете.
Се вели дека тоа претставува голем товар за родителите, особено мајката, во општество каде што семејствата настојуваат да се грижат за нивните постари роднини, а социјалните услуги се далеку од сеопфатни.
До 2050 година се предвидува дека една четвртина од населението на Кина ќе биде на 65 години или постаро. Во 2013 година процентот беше 9,7 отсто, покажуваат податоците на компанијата „Статиста”. Предвиденото опаѓање на бројот на луѓе на работоспособна возраст се смета дека е причината што Комунистичката партија ја повлече политиката на едно дете.
Владата на Кина има собрано два билиона јуани (315 милијарди долари) од казните за дополнително дете од 1980 година, посочува „Економист”. Се смета дека највисока единечна казна е 7,5 милиони јуани (1,2 милиони долари). Режисерот Жанг Јимоу и неговата сопруга беа казнети со таа казна минатата година бидејќи имаа трето дете.
„Тоа претставува монетизирање на репродуктивниот нагон”, вели Кејв.
За да се спречат богатите да имаат деца и едноставно да го плаќаат она што за нив би била прифатлива казна, наплатените износи варираат во зависност од приходите. Во иднина, казните ќе важат само за оние кои имаат повеќе од две деца.
(Би-Би-Си)