ЕК ја оформи рамката за преговори со Македонија, сега земјите-членки треба да ја одобрат (најрано до октомври)

Европската комисија (ЕК) по повеќемесечно одложување (поради корона-кризата) деновиве ги предаде преговарачките рамки за Македонија и Албанија до Советот на ЕУ. Се работи нацрт-верзија чија содржина нема да се објави додека Советот не ги усвои.

Преговарачките рамки се позицијата на Европската унија во преговорите за членство. Европската Комисија поднесува нацрт-рамки до земјите членки, кои преку своите национални парламенти треба да ги усвојат по евентуални модификации.
Рамките се поделени на три дела: водечките принципи на пристапните преговори, суштината на преговорите и преговарачката процедура, со цел да се обезбеди целосно спроведување на европското законодавство и неговите принципи во законските рамки на земјите кандидати.
Според дипломатите во Брисел се очекува првата меѓувладина конференција (ЕК – македонска Влада) да се случи кон крајот на оваа година, јавува МИА. Земјите членки би требало да разговараат за проширувањето од септември, со оглед на тоа дека следниве месеци ќе биде целосно посветено на обидот да се пронајде компромис за излез од економската криза на ЕУ и иднината на нејзиниот буџет.
ЕК го заклучи текстот на преговарачката рамка и го предаде на Советот на ЕУ.
– Ова е само нацрт-верзија и моето очекување е до октомври да биде прифатен финалниот текст. Потоа се очекува да биде закажана и заедничка меѓувладина седница. Овој текст е основа врз која земјите членки ќе ги изнесат своите национални ставови и потоа рамката ќе се носи со консензус. Добро е што ова се случува во време на германското претседателство кои се големи поддржувачи на нашиот европски пат. Ние сме во средина на политичка кампања и се надевам дека по 15 јули ќе имаме стабилна влада посветена на европскиот пат, изјави вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи.
Тој појасни дека со новите механизми на преговарачкиот процес, брзината и напредокот ќе зависи од самата Македонија, но и дека ЕК ќе има механизама да го препознае и намали пристапот до ЕУ фондовите доколку има застој.
Да поминат изборите и ќе почнеме со подготовки за попис
Во 2011 година имаше неуспешен обид за попис, а вицепремиерот Бујар Османи најави дека наскоро може да се случи нов попис на населението.
– Бидејќи знаете дека во 2012 пропадна поради начинот на читање на законот од двете етнички заедници. И тој консензус се постигна, но не се постигна вкупниот политички консензус во Собрание за да го усвоиме законот. Јас мислам дека ова што го донесовме на влада е добро решение кое што треба да се спроведе, меѓутоа би било добро сите да бидат вклучени во пописот. Така да би требало веднаш после изборите да почнеме со подготовките за органиизрање на пописот – рече Османи.

Останати вести