Илјада евра и за поранешните пратеници од дијаспората

Поранешниот пратеник на ВМРО ДПМНЕ изгласан од Австралија, Васко Наумовски една година ќе добива околу илјада евра плата се додека не најде друго работно место.

Неговото барање, заедно со уште 38 други за апанажа, ги прифати собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата.
Собрание на РМ –Список на поднесени барања за апанажа
ВМРО ДПМНЕ – 13
СДСМ – 5
ДУИ – 7
ДПА -5
Една третина од барањата, или 13 се од пратениците на ВМРО ДПМНЕ од претходниот состав. Александар Николовски, Ѓорѓи Коџобашиев, Павле Саздов и Светлана Јакимовска се дел пратениците кои и се попознати на јавноста, а кои граѓаните често можеа да ги видат на собраниската говорница. Законот предвидува пратеник да може да остварува право на плата подолго и од една година.
„Пратеникот може да остварува плата според одредбите од ставот 1 на овој член подолго и од една година а најмногу уште шест месеци дополнително доколку во тоа време стекне право на старосна пензија. За време на остварувањето на ова право пратеникот нема право на други лични примања и надоместоци на трошоци”, изјави Илија Димовски – Претседател на Комисија за прашања на избори и именувања.
7 пратеници на листата за апанажа се од редовите на ДУИ. Зулфи Адили и Рафис Алити од претходниот состав се меѓу нив. Но, на списокот се и Рамиз Мерко и Хазби Лика кои станаа вицепремиери во новата Влада. Мерко и Лика ќе добијат надомест за периодот од престанокот на функцијата пратеник до назначувањето на новите функции.
Од претходниот пратенички состав на социјалдемократите, барање за апанажа поднеле 5 пратеници. Толкав е и бројот на екс пратеници од ДПА. Помеѓу нив и Газменд Алији, чие име пред две години се најде во собраниската публикација Мојот пратеник во групата на пратеници кои воопшто не дискутирале. Но, и Орхан Ибраими познат по тепачката со сегашниот спикер Талат Џафери во комисијата за финансирање и буџет во август 2014-та.
Листата ја дополнуваат и Роза Топузова Каревска и Солза Грчева. Инаку, според неофицијалните пресметки вкупната сума која треба да се издвои од државниот буџет за апанажа е околу 40 илјади евра месечно.

М. В.

Останати вести