Шок во Македонија: Косовскиот суд одбил екстрадиција на првоосудените за “Монструм“, тие повеќе од месец се на слобода!?

Повеќе од 40 дена осудените на доживотен затвор Африм Исмаиловиќ и Алил Демири се на слобода и се пуштени од косовскиот затвор, а властите во Приштина го отфрлиле и македонското барање за нивна екстрадиција.

Во скопскиот Кривичен суд двајцата бегалци Исмаиловиќ и Демири се осудени како директни извршители на 5-кратното убиство каја Смилковското езеро извршено на Велигден 2012-та. Роднините на убиените се шокирани од одлуката и сметаат дека има политика во одлуката за да се заштитат функционери Албанци во државата.
“Не очекувавме да бидат екстрадирани, додека не се уапсат нарачателите, 6-те функционери на ДУИ. Ова мислиме дека е масло на ДУИ. Моментално, како што е ситуацијава, мислиме дека предметот е во политички пазар, да биде Али Ахмети послушен, да игра како му се свири” – вели Горан Накевски, татко на убиениот Александар.
Македонските власти бараа екстрадиција откако двајцата пред повеќе од две и пол години беа уапсени во стан во Приштина со нелегално оружје. За тоа дело Исмаиловиќ и Демири беа осудени на 2 и пол години затвор. Двајцата казната ја издржале во октомври, но останале во екстрадиционен притвор до Нова година. Во меѓувреме прво Основниот суд во Приштина, а потоа и тамошниот Апелациски суд го одбиле барањето на Република Македонија за нивна екстрадиција.
Извори од Министерството за правда на РМ тврдат дека косовските власти и покрај гаранциите за фер судење навеле дека веруваат дека двајцата би можеле да бидат осудени на национална основа. Таква дефиниција не се употребува во правни договори.
Од друга страна весникот “Коха”, повикувајќи се на свои извори, објави дека екстрадицијата била одбиена поради тоа што косовските власти процениле дека од Македонија не добиле доволно цврсти докази за кривичните дела за кои двајцата се гонат.
Дописот за одбиена екстрадиција во Скопје стигнал истиот ден кога во Приштина беше во посета македонскиот министер за надворешни работи Попоски кој се сретна со домаќинот Хашим Тачи. Сега решението за одбиена екстрадиција е препратено до кривичниот суд во Скопје кој ги осуди двајцата во отсуство на доживотен затвор за тероризам и учество масакрот кај Смилковци. Судската пресуда е правосилна, но бидејќи станува збор за доживотна казна, за неа мора да се произнесе и Врховниот суд на Македонија.
Доколку бидат донесени во Македонија Исмаиловиќ и Демири имаат право на повторно судење. И специјалното обвинителство го разгледува случајот Монструм, откако такво барање упатија и семејствата на жртвите и семејствата на осудените. “Се надеваме дека, како што ни вети лично господинот Заев, ги дал веќе 6-те функционери на ДУИ, кај специјалното обвинителство и дека, како што ни вети обвинителката Катица Јанева, ќе биде прв случај и да се уапсат тие 6 функционери на ДУИ и да престанат веќе еднаш, сите овие игри” – додава Накевски.
По Исмаиловиќ и Демири е распишана меѓународна потерница, а нивните лица се уште се наоѓаат на сајтот на МВР како бегалци.

(“Телма”)

Останати вести