Заврши најсилниот Ел Нињо во изминатите дваесет години кој ги уништи азиските посеви и предизвика недостиг од храна, објави австралиската метеоролошка агенција BOM во вторникот, пренесува Макфакс.
Климатските индикатори поврзани со Ел Нињо, кое се појави во 2015 година. се вратиле на неутралните нивоа, соопштија од австралиски BOM.
Феноменот Ел Нињо е причина од растот на температурата на површинските води во Тихиот Океан што доведува до извонредно топло време ширум Азија и источна Африка, како и обилни дождови и поплави во Јужна Америка.
Последниот Ел Нињо доведе до највисоките температури на морињата во последните 19 години, предизвикувајќи период на суша и пад во производството на пченица, масло од палми и ориз во Азија. Поради заладувањата на климатските фактори во последните месеци, завршувањето на феноменот Ел Нињо не беше неочекувано, но австралискиот BOM е првата метеоролошка агенција која официјално го објави.
Земјоделците сега го очекуваат развојот на појавата Ла Ниња, позитивен метеоролошки образец, кој по правило го следи заминувањето на Ел Нињо, и во Азија носи време побогато со врнежи. Шансите за појавата на Ла Ниња се најмалку 50-процентни, сметаат во споменатата австралиска метеоролошка агенција.