Емоционално прејадување

Емоционално прејадување е општо позната состојба за која знаат речиси сите луѓе, но ретко отворено се зборува за овој проблем. Емоционално прејадување е еден од најчестите проблеми во исхраната.

Често пати луѓето не ја прават разликата и не го препознаваат овој проблем, односно не можат да препознаат кога се работи за јадење предизвикано од емоции, а кога за вистинско чувство на глад. Многу луѓе емоциите ги потиснуваат со храна. Луѓето јадат од различни причини. За да престане овој проблем треба да се идентификува кои ситуации, места или чувства се предизвикувачите. Иако најчесто се поврзува со непријатни чувства, емоционалното прејадување исто така може да биде охрабрено од позитивни емоции, како одбележување на некој среќен настан, награда за постигната цел и сл.
Најчестите причини за оваа состојба се: стрес, здодевност, хранење на емоции, социјални влијанија и др.

Стрес – Кога стресот е чест и силен, тој доведува до високо ниво на кортизол, хормон за стрес кој предизвикува ненадејна желба за слатка, мрсна или солена храна.

Здодевност – Чувство на емоционална празнина или досада се надополнува со чувство на глад, бидејќи за момент го одвлекува вниманието од вистинскиот проблем и чувство на незадоволство во животот.

Хранење на емоции – Ова може да биде начин за привремено заборавање на непријатните емоции како лутина, срам, вознемиреност, страв и осаменост.

Социјални влијанија – Социјални настани на кои сите јадат, без оглед дали се гладни или не. Ова често се случува на семејните собири кога членовите на семејството ги поттикнуваат другите членови да земат „уште една чинија”.

Постојат неколку разлики помеѓу емоционална и физичка глад:
• Емоционална глад доаѓа ненадејно, а физичка глад постепено;
• Кога се работи за емоционална глад, ви се јаде нешто конкретно (парче пица, сладолед, чоколадо), а кога станува збор за физичка глад, отворени сте за сите опции;
• Емоционална глад морате веднаш да ја задоволите, додека физичката глад може да почека подолго;
• Дури и кога сте сити, емоционална глад ве поттикнува да јадете повеќе, со физичкката глад престанувате да јадете веднаш штом ќе се почувствувате сито;
• Емоционална глад е често придружена со чувство на вина, а физичката глад не.

Првото нешто што треба да се направи со цел да се надмине овој проблем е да се препознае, а кога ќе се препознае постојат неколку стратегии кои можат да се пробаат:
• Пронајдете други начини да ги храните емоциите, со некое хоби, разговор со пријателите и сл;
• Во моментот кога ќе почувствувате емоционална потреба за храна, одложете ја на неколку минути и повторно размислете зошто сте гладни;
• Редовното вежбање ги поттикнува хормоните на среќата и даваат чувство на задоволство. Шетање, трчање или друг облик на физичка активност ќе ви обезбедат доволно енергија за полесно решавање на проблемите;
• Планирајте ги вашите оброци во текот на денот и држете се до плановите.

Останати вести