Шпанската музичка мега-ѕвезда Eнрике Иглесиас минатата седмица за првпат се претстави пред публиката во Македонија. Во Скопје беше дочекан на нозе, со кренати раце и со овација, а таквата спектакуларна атмосфера исполнета со многу емоција траеше непрекинато час и половина.
Енрике во ВИП Арената на СЦ „Борис Трајковски” покажа зошто е ѕвезда од планетарен формат, пружајќи им на присутните од цела Македонија и регионот неверојатна посветеност, професионализам и енергија.
Пред почетокот на концертот Енрике излезе за да ја сними лично публиката со камера, останувајќи и посветен и потоа, бидејки голем дел од концерот го помина меѓу неа, вклучително се качуваше по трибините гушкајќи се со присутните, што некои го искористија да си направат селфи од овие незаборавни моменти на сцената.
Енрике не и пружи на Македонија само забава, туку излеа на трибините и големо количество љубов и топлина. Одговорот што го доби од публиката му го смени и настапот, бидејќи тоа што било видено дента на пробата не се случи вечерта, туку нешто сосема поинаку.
Во еден момент Енрике се појави на другиот крај од арената, качен на импровизирана бина и и пееше на публиката која беше најодалечена од сцената. Пејачот неколку пати и се поклони на македонската публика, а додека го претставуваше својот бенд кој го придружува на турнејата, на сите членови им наполни по една чашка , и потоа ја крена и неговата чашка и ја поздрави публиката со зборовите „Наздравје, Македонија!”.
