Борбени линии беа повлечени за пресудата на судијата од Федералниот суд на САД дека „Епл” треба да му помогне на ФБИ да го дешифрира кодот на ајфонот поврзан со терористичкиот напад во Сан Бернардино, Калифорнија.
Тим Кук, извршниот директор на „Епл”, ја одби наредбата на судијата во отворено писмо што го објави на веб страната на компанијата во средата вечер, кратко откако судијата Шери Пим наредила на компанијата да му помогне на ФБИ да дојде до податоците во телефонот.
Нападот од 3 декември во Сан Бернардино го извршија Сајед Ризван Фарук и неговата сопруга Ташфен Малик за време на празничната забава во канцеларијата каде работел Фарук. Беа убиени 14 луѓе. Полицијата ги уби Фарук и Малик при вооружената престрелка подоцна истиот ден. ФБИ сака „Епл” да помогне во хакирањето на ајфонот на Фарук со тоа што ќе направи нов софтвер со кој ќе можат да ги избегнат безбедносните мерки и ќе го инсталираат софтверот во ајфонот кој го заплениле за време на истрагата. Од Белата куќа завчера овој случај го нарекоа „важен нациоален приоритет”. Портпаролот Џош Ернест рече дека инпсекторите барале начин да влезат во оваа мала направа.
Но, Кук рече дека не може да има гаранција за тие ограничувања и дека хакирањето на оваа направа „неизбежно ќе создаде таен влез во сите ајфони и други кодирани направи на „Епл””.
„Владата на САД побара од нас нешто што го немаме и нешто за кое сметаме дека е премногу опасно да го создадеме. Тие од нас побараа да креираме таен влез во ајфонот”, рече Кук. „Таквиот потег ќе ја загрози слободата што нашата влада треба да ја заштитува.” Импликациите од барањата на владата се застршувачки, рече тој бидејќи тоа би и дало моќ на владата да може да влезе во сите направи и да ги преземе податоците.
Американското здружение за граѓански слободи (АЦЛУ), водечката група за заштита на законските права, го поддржа Кук и соопшти дека ќе ја поддржи компанијата „Епл” во правната битка која следува. На пресконференција, АЦЛУ истакна дека ако ФБИ може да ја убеди „Епл” да ги хакира ајфоните, тогаш тоа би го можел секој суров режим во светот. Поранешниот разузнавач кој е во бегство Едвард Сноуден се согласи со ова. На Твитер тој напиша „ФБИ создава свет каде граѓаните се потпираат на ‘Епл’ да ги одбрани нивните права, наместо ситуацијата да е обратна”. Сноуден рече дека софтверот што го бараат од ФБИ ќе овозможи кодот на ајфонот да биде дешифриран во рок од половина час.
Темата со кодирањето со децении е извор на тензија меѓу компаниите за технологија и законот. Производителите на производи со висока технологија создаваат кодови за да ја заштитат приватноста на корисниците. Во некои случаи дури и самите компании не можат да го дешифрираат кодот. Но, можноста да се комуницира без страв од надзор на владата може да создаде заштита и за криминалците и терористите. Во писмото на Кук се вели дека од „Епл” веќе направиле сè што е во нивна моќ и во рамките на законот за да му помогнат на ФБИ.
„Противењето на оваа пресуда не е нешто што го сфаќаме едноставно”, пишува Кук. “Чувствуваме дека мораме да се спротивстваиме на она што го сметаме за претерување на владата на САД.”