Според извештаите на турските медиуми, владата планира да формира специјален суд за осомничените бинтовници и да биде изграден посебен затвор за осудените.
Обидот за преврат во Турција турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган го користи за масовна чистка на, како што ги нарече, „предавниците”. Според последните информации, досега од своите работни места се сменети или избркани околу 50 илјади луѓе, уапсени се над 6,000 воен персонал и околу 9,000 полицајци, а откази добија и над две илјади судии.
Турските власти покренаа обвиненија против 99 генерали, поради нивна вмешаност во обидот за воен удар во земјата во ноќта меѓу меѓу петокот и саботата. Како што јавија турските медиуми, покрај веќе официјално обвинетите генерали, уште 14 други се во притвор под сомнеж за поврзаност со обидот за преврат. Турската Армија има вкупно околу 360 генерали.
Во меѓувреме, Хабертурк јави дека поради поврзаност со обидот за пуч од работа биле отпуштени 25 професори на Истанбулскиот универзитет.
Информацијата за отпуштањето на професорите доаѓа по соопштението на Советот за високо образование на Турција во кое се наведува дека на универзитетите им е наредено да не испраќаат во странство универзитетски кадри, а веќе заминатите веднаш да се вратат во земјата.
Како јави државната телевизија ТРТ, забраната за патување е воведена еден ден откако Советот за високо образование побара оставки од ректорите на сите 1.577 универзитети на територијата на Турција.
Министерството за образование, од своја страна, им ја одзеде лиценцата за работа на 21.000 наставници и учители, кои работат во приватни образовни институции.
Ако се има предвид ова и отворените најави на претседателот Ердоган дека планира повторно да воведе смртна казна во земјата, многумина сметаат дека тој го користи превратот за по секоја цена да се ослободи од неистомислениците.
Еден од нив и и проповедникот и негов некогашен политички ментор Фетулах Ѓулен, кој сега живее во егзил во САД, а за кој Ердоган во телефонски разговор со американскиот претседател Барак Обама побарал да биде испорачан во Турција за да му се суди како организатор на превратот и други дела.
Се чини дека Ердоган не им се одмаздува само на живите туку и на мртвите. Управата за верски работи на Турција соопшти дека нема да им даде услуги за верски погребни обреди на загинатите пучисти затоа што, како што стои во соопштението, „учествувале во предавнички напад врз државата”, пренесе државната телевизија ТРТ.
Во меѓувреме, турскиот претседател Ердоган се врати во Анкара за да претседава со седницата на Советот за безбедност. Пред почетокот на седницата Ердоган изјави дека има намера да соопшти нешто многу важно.
И додека односите со Западот се заладуваат поради потезите на Ердоган во последните неколку дена, очигледно односите со Русија се затоплуваат. Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков соопшти дека двајцата претседатели Ердоган и Путин ќе се состанат на почетокот од август во Русија.