Турција реши да го раскине билатералниот договор со Македонија од 1998 за меѓусебно признавање на факултетските дипломи од сите образовни нивоа, а одлуката, потпишана од претседателот Реџеп Таип Ердоган, е објавена во службен весник и во неа пишува дека била донесена во декември минатата година, на предлог на турското Министерство за надворешни работи, a стапува на сила на 11 февруари.
„Сите дипломи земени во периодот пред 11 февруари 2017 се признаени, додека оние кои ќе бидат земени во следниот период нема да имаат никаква официјална валидност на територијата на Република Турција. Македонските универзитети чии дипломи повеќе нема да важат се: Европскиот универзитет, Универзитетот Гоце Делчев, Универзитетот Кирил и Методиј, Американскиот Универзитет, Југо-источниот европски универзитет, Битолскиот универзитет, Тетовскиот универзитет, ФОН универзитетот”, информира Dunyabulteni.net.
Се толкува дека ова е казна од турската влада бидејќи од македонска страна се уште нема интервенција врз организациите за кои постојат сомнежи дека се дел од прогласената терористичка организација „ФЕТО”, која наводно била дел од воениот пуч и е финансирана од прогонетиот турски проповедник Фетула Ѓулен.
За реперкусиите за кои подолго време се стравува засега нема коментар од македонските власти.
Турција бараше преземање на одредени санкции против основните и средните училишта „Јахја Кемал” во Скопје, Тетово, Гостивар, Струга и во Струмица. На списокот беше и неделникот „Заман Македонија”, а курсеви за турски јазик се организираат преку организацијата „Седеф”. Неофицијално, по донесувањето на оваа превентивна мерка на турските власти, дел од менаџментот на Јахја Кемал се префрлил во Тирана.
По оваа одлука, се очекува бројот на студентите од Турција во Македонија драстично да се намали.
Инаку, на приватните и на државните универзитети во Македонија студираат преку 1,000 турски студенти. На универзитетот во Штип, на пример, има 25 дипломирани турски државјани, а во моментов на него студираат 107 студенти од Турција. Во Штип турските државјани дојдени на студии дури имаат отворено и разни бизниси.
Во крајно неповолна ситуација особено се турските студенти кои се на крај од своите студии, а кои имаат поминато дополнителна една година само на изучување на македонскиот јазик. Турците на штипскиот универзитет во најголем број доаѓаат да студираат медицински науки, но и на техничките факултети.
Годишно за студии, еден студент од Турција плаќа по 1.000 евра за партиципација, односно 1.500 евра за студиите по медицина.
Подеднакво исплашени се и македонските студенти кои се школуват во Турција. Најголемиот дел од нив студираат информатика, економија, градежништо и новинарство.
Решението на турската влада е очекувано за претсеадтелот на Партијата за движење на Турците, Енес Ибрахим. Оваа држава во изминатиот период веќе донела одлука за непризнавање на дипломите од неколку наши приватни универзитети.
Македонското Министерство за надворешни работи соопшти дека решението на турската влада не значи дека во иднина македонските дипломи нема да важат во Турција. Со оваа одлука, тврдат од таму, престанува да важи само билатералниот договор од 1998 година, но во иднина дипломите ќе бидат меѓусебно признати преку Лисабонската конвенција која двете држави ја ратификуваа.
“Македонија и во моментот на државниот удар претходно и денес останува со целосна подршка на демократските институции во Република Турција, и во духот на пријателските односи соработува на многу полиња, меѓу кои и образованието”, стои во соопштението на МНР на РМ.