Познат доктор сурово искрен – тој беше мртов неколку минути!
Кристијан Ериксен, репрезентативецот на Данска, ја шокира фудбалската јавност кога среде натпревар доби срцев удар и се струполи на теренот.
Многумина помислија дека неговата животна битка е загубена поради долгата реанимација, но по шестминутна борба и голем напор на лекарите, фудбалерот е спасен.
Повеќе од веројатно е дека Ериксен заврши со својата фудбалска кариера, а доколку се точни најавите на првиот кардиолог во Велика Британија, тоа би значело дека фудбалерот на Интер завршил со фудбалот на 29 години.
– Кристијан Ериксен тешко дека би можел да продолжи со активното играње фудбал, а италијанските закони налагаат тој да биде суспендиран во случај да се потврди срцев напад, тврди водечкиот кардиолог во Велика Британија, д-р Скот Мареј.
Претседателот на Фудбалскиот сојуз на Данска, Петер Мелер изјави дека лекарскиот тим на теренот извршил масажа на срцето кај репрезентативецот Кристијан Ериксен, и со тоа му го спасиле животот.
Мартин Боесен, докторот на данската фудбалска репрезентација, раскажа што се случило во моментот кога фудбалерот на оваа селекција, Кристијан Ериксен, ја изгубил свеста за време на првото полувреме од натпреварот против Финска.
– Ни се јавија од теренот, штом Кристијан се онесвести. Кога истрчавме до него, тој дишеше. Го проверивме неговиот пулс и тој го имаше. Сепак, тогаш одеднаш престанавме да го чувствуваме пулсот. Веднаш почнавме да интервенираме за да го одржиме жив. За среќа, тој остана со нас, изјави Боесен за данските медиуми.
Лекарот вели дека вештачкото дишење му го спасило животот на асот на Интер.
– Многу ни помогна и докторот на стадионот, со чија помош му ги вративме свеста и пулсот на Ериксен – заврши Боесен.
Мечот против Финска продолжи по 90-минутна пауза и на крајот Данска загуби со 0:1 во првото коло од групата Б.
