Филипче: Засега нема потреба од рестрикција на движењето, есенскиот бран ќе биде предизвик

Министерот за здравство Венко Филипче вели дека во овој момент нема индикации за воведување рестрикција во движењето на населението.
– Изминатите 5-6 дена факторот на пренос е под 1 и се надевам дека така ќе остане и во следниот период и врз основа на тоа ќе видиме намалување на бројот на пациенти, вели тој.

Министерот тврди дека и покрај вториот бран, кој е со поголем интензитет од првиот, ситуацијата добро се менаџира, а здравствениот систем има капацитет да ги прими сите пациенти. Располага со доволно болнички кревети и со доволно кадар – лекари и медицински сестри.
– Еден од главните критериуми врз на кои се проценува дали и какви мерки треба да се воведат е капацитетот на здравствениот систем – број на слободни болнички кревети и кадар, што ние засега добро го менаџираме. Има сосема доволно и кревети и лекари и медицински сестри, подвлече Филипче.
Се спремаат болниците за на есен, со надеж дека нема да се наполнат
Тој предупреди и дека доаѓаат есенските месеци кога луѓето повеќе ќе бидат во затворено и ќе почнат да работат школите.
– Тоа се сериозни ризик-фактори и може да биде сериозен предизвик за здравствениот систем, многу поголем и од првиот и од вториот бран. Мора да сме свесни дека сите сме заедно во овој процес. Болниците ширум државата уште од сега се спремаат за на есен, со надеж дека нема да се исполнат во периодот кога е можно здравствениот систем да го зафати посериозен наплив на пациенти кои ќе имаат грип, ковид и други респираторни заболувања. Здравствениот систем сега е многу поспремен од почетокот на кризата, но не е целта да се зафатат сите кревети, туку да се спречи вирусот, потенцира Филипче.
Министерот и во оваа прилика укажа дека епидемиолозите и инспекторите се соочуваат со проблемот во однос на достава на решенија и лажни податоци кои ги даваат позитивните контакти. Тоа е еден од суштинките работи, рече, сите контакти на заболените да бидат ставени во изолација.
Хотелите кои досега служеа за државен карантин, веќе нема да се користат, а пациентите што беа таму згрижени ќе заминат на домашно лекување.

Останати вести