Aмајлии, невестински украс за глава, обетки, ѓердани, прстени, чибуци, бастуни, кутии за накит и цигари, народни носии од различни региони низ Македонија, се дел од етнолошката поставка која е отворена во етномузејот во комплексот „Македонско етносело” во селото Нерези.
Комплексот беше е отворен пред еден месец.
Станува збор за уникатна музејско-етнолошка поставка која содржи вреден и ексклузивен накит, 150 уникатни предмети кои досега не биле изложени, како и најразлични носии карактеристични за периодот од крајот на 19 и почетокот на 20 век, што се дел од богатата колекција на етнолошки материјали и предмети што го поседува Музејот на Македонија.
Етнолошката поставка е сместена на првиот кат на музејот на површина од 132 метри квадратни, а вториот кат со површина од 100 квадратни метри е наменет за одржување мултимедијални активности, презентации, промоции, семинари, конференции.
Според кустос-советникот за народен накит и занаети во Музејот на Македонија, Милена Петровиќ, изложен е најрепрезентативниот материјал кој бил презентиран и во Брисел и во Марсеј.
„Тука е поставен најубавиот накит изработен од сребро, злато, филигран, монистра, работен во сите техники во кои во минатото се работело, како ковање, леење, филигранство”, гордо вели таа.
Покрај изложените предмети, музејот поседува фото и видео материјали, а на видеомониторите се презентираат етнолошки кратки, документарни филмови кои ги прикажуваат карактеристичните занаети за Македонија. Меѓу другите се проектираат и кратките филмови на браќата Манаки, „Баба Деспина” и „Домашна работа – предилки”.
Инаку, во етномузејот кој е отворен од 10 до 22 часот се вработени кустоси, водичи и други стручни лица, а планирано е поставката да се менува на секои шест месеци.