Европската комисија и Италија блокираа испорака на вакцини на Астра Зенека за Австралија бидејќи произведувачот не ги исполнил обврските преземени со договорот склучен со Европската Унија.
Агенцијата Ројтерс, повикувајќи се на информирани извори, пренесува дека Астра Зенека побарала дозвола од италијанските власти за извоз на 250.000 дози од фабриката Анањи во близина на Рим.
Италијанската влада одбила да даде дозвола, а Европската комисија ја поддржала во тоа, навеле изворите.
Европската Унија за првпат ја користи можноста за забрана на извоз на вакцини против ковид-19.
Блокот во јануари формираше регистар за следење на извозот на вакцини среде спорот со британско-шведската компанија за да следи дали ги исполнува лабораторијата своите договорни обврски кон ЕУ.
Тој механизам им дозволува на властите на одделни земји членки на Унијата со консултации со Европската комисија да го блокираат извозот кон одредишта надвор од ЕУ ако блокот верува дека произведувачот не ги исполнил обврските кон Европската Унија.
Астра Зенека сè уште не ѝ ги испорачала на ЕУ ветените дози и планираните испораки од 80 милиони ги намали на 40 милиони дози правдајќи го тоа со проблеми во производството.
Се сомневаше дека вакцините произведени во ЕУ се продадени на земји надвор од блокот поради што е воспоставен регистар за следење на извозот на вакцините.