ЕУ не сака повеќе бегалци, Балканот најавува затворање на границите

Европската унија постепено се подготвува да ги затвори своите граници за бегалците од кризните региони. Тивката политичка одлука на ЕУ веќе започна директно да им се пренесува не само на земјите членки на ЕУ, туку и на земјите од Балканот, кои имаат аспирации да се дел од Унијата, меѓу нив Македонија, Косово и Србија.

Според првичните најави кои ги добиле државите кои се дел до трасата на движење на бегалците, ако таа одлука ја одобри Советот на министри на ЕУ ќе се дозволи строг влез само на семејства, мајки со деца и деца без родители од Сирија, Ирак и Авганистан. Останатите, како што се дознава ќе бидат враќани во земјите од каде го добиле првиот документ кој потврдува дека се бегалци од кризните региони. Трошокот за нивниот транспорт делумно ќе го финансира ЕУ.
Дека тивко започнува планот на ЕУ говорат и низата настани и изјави кои се случија во изминативе 48 часа. Австриецот Јоханес Хан, кој е еврокомесар за европска добрососедска политика, за преговори и за проширување во петокот во Скопје изјави дека не треба да заборавиме дека има многу сериозна миграциска криза во Европа.
– Тоа што се случи во 2015 година, ќе продолжи и годинава. Морам да кажам дека кај голем број европски земји постои се поголема тенденција за затварање на границите. Тоа може да има последици за состојбите во Македонија. Верувам дека македонските власти ќе обрнат големо внимание на оваа ситуација која е многу сериозна – истакна Хан.
Два дена претходно, неговиот сонародник Рајнер Дионисио кој е портпарол на полицијата на Австрија изјави дека околу 3.000 бегалци се вратени од австриската полиција во изминатите 20 дена бидејќи не можело да се утврди нивната националност. Тој нагласи дека за сите кои доаѓаат од Сирија, Ирак и другите жаришта на блискиот Исток се проверува нивниот акцент дал навистина се од тие региони.
Во меѓувреме, романските гранични служби соопштија дека спречиле група од 60 мигранти, кои се обиделе да преминат во Романија од Србија. Луминита Продан, портпаролка на романската полиција, соопшти дека мигрантите биле мажи на возраст од 20 до 40 години, во најголем дел од Пакистан, Ирак, Авганистан, Сомалија и Мароко.
Бугариските власти, пак, информираа дека во пограничниот дел со Грција кај месноста Ново Село, близу реката Марица, уапсиле 118 бегалци кои тврделе дека се од Сирија. Станува збор за група од 24 мажи, 26 жени и 68 деца. Според последните информации кои ги пренесуваат бугарските медиуми, бидејќи бегалците влегле на територија на ЕУ без документи, тие ќе бидат протерани во Грција.
Хрватска размислува да го засили надзорот на границата со Србија, а за таа цел ќе биде мобилизирана армијата.
– Ако дојде до затварање на границата меѓу Австрија и Словенија, истото би можеле да го направат и Словенците, па ќе мораме и ние да ја затвориме границата со Србија, а тие, пак, истото да го направат со границата кон Македонија. Мора да бидеме многу остри и да ја користиме и војската да ја заштитиме границата, рече меѓународниот секретар на ХДЗ, Миро Ковач.
– Хрватска нема да биде собирен центар за бегалци. Тие луѓе не сакаат да останат тука, туку сакаат да одат кон север. Ни треба заедничко решение во Европската унија, потенцира Ковач.
И српскиот министер за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ, кој деновиве заедно со македонскиот колега Оливер Спасовски го посетија Прифатниот камп „Винојуг” во Гевгелија, најави дека неговата земја ќе воведе засилена контрола над сите имигранти што влегуваат во земјата.
– Тоа е значајно од безбедносна гледна точка, посебно поради оние што се занимаваат со различни криминални активности, истакна Стефановиќ. Тој рече дека засега не е забележана тенденција на зголемено враќање на економските мигранти од ЕУ во Србија, но дека ја следат состојбата.
– Ако ЕУ ги враќа тие луѓе, ние уште на српската граница ќе ги враќаме во Македонија, дециден е Стефановиќ.
Српските полицајци, кои во моментов им помагаат на македонските колеги во патролирањето и надѕирањето на граничната линија кон Грција, ќе останат и во наредниот период. Спасовски и Стефановиќ се договориле и околу размена на информации од службите, кои ја покриваат проблематиката за борба против тероризмот и терористичките закани.
Српскиот министер Стефановиќ предупреди дека напролет бројката на бегалци што транзитираат низ Балканот може да се зголеми на осум илјади дневно. Тој истакна дека е потребно воспоставување единствен систем на биометриски податоци за регистрирање на бегалците што многу би помогнал за земјите каде што минува мигрантската рута.
Официјално, владата во Скопје засега нема став или официјална одлука што ќе преземе ако во скоро време ЕУ стави рампа за бегалската криза.
Министерката за труд и социјална политика, Фросина Ташевска-Ременски, го посети Прифатниот-транзитен центар „Табановце”.
– Од комуникацијата што ја имаме со претставниците на меѓународната заедница добиваме информации дека можеби ќе има промена во политиките кон бегалците од страна на земјите-членки на ЕУ. Веќе постојат најави за затворања на граници и ограничувања на бројот на бегалци, кои би можеле да бидат прифатени од земјите на ЕУ. Тоа ќе наметне дополнително редефинирање на некои одлуки и во земјите од Западен Балкан и Македонија. Во таа насока, треба да се зафатиме и со подготвување на ‘План Б’ во случај да има такви одлуки и да бидеме принудени како држава да промениме веќе донесени одлуки, изјави Ташевска-Ременски.
Македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов пред повеќе месеци изјави дека земјата има максимален капацитет времено, како и другите земји од Унијата, да згрижи 2.000 бегалци и ништо повеќе од таа бројка.

Останати вести