Контраверзниот предлог закон за легализација на еутаназијата ќе биде претставен во парламентот на Викторија, во втората половина на 2017 година. Премиерот Даниел Ендрус беше против него, но сега сака да го поддржи, откога го гледал својот татко како се мачи со долготрајната борба со рак.
„Вакво искуство те тера на преиспитување, затоа што си сфатил на вистински начин што значи таква борба, и убеден сум, дека моето поранешно противење на овој закон беше погрешно. Мојот став се промени. Со постоење на соодветни сигурносни мерки и со услов да се претстави добар предлог закон, имам намера да гласам за него” – рече Ендрус.
Пациентите кои се смртно болни и бараат еутаназија ќе мораат да поминат низ три чекори. Прво мораат да побараат еутаназија без присила. Од нив се бара два пати да напишат барање пред усмено да ја побараат пропишаната смртоносна доза. Двајца доктори ќе ги анализираат барањата и ќе препишат смртоносен лек, доколку дадат одобрение. Болните сами ќе си ја дадат смртносната доза. Повеќе партискиот парламентарен одбор во јуни повика да се воведат ограничени доброволни еутаназии во Викторија. Здружението на лекарите на Австралија се противи на овој предлог и сака да се воведе „можност за откажување” за лекарите доколку се донесе овој закон така што оние лекари кои имаат морална дилема да не бидат присилени да им помогнат на пациентите да умрат.
Но, претседателката на Здружението на лекари во Викторија, Лореин Бакер призна дека ставот на заедницата за потпомогнато умирање се промени и изјави оти Здружението на лекари на Австралија сака да биде вклучено во дополнување на овој предлог закон.