Се конзервираат икони и Еврејските гробишта во Штип

Штипскиот музеј ќе ги обновува фасадите на куќи на улиците „Гоце Делчев“ и „Крсте Мисирков“

Конзервација на икони од црквата „Успение на пресвета Богородица”, конзервација на Еврејските гробишта, етаблирање на нова етнолошка поставка, систем на надзор и обезбедување на депото со вредни археолошки предмети и обнова на фасади на три со закон заштитени куќи, се во фокусот на активностите кои ги започнува пролетва.

Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј Штип. Од оваа институција најавуваат активно работно лето на повеќе локации.
„Деновиве започнуваме со конзервација на икони од црквата ‘Успение на пресвета Богородица’, на царските двери и на источниот и јужниот параклис на оваа црква. Сето тоа го правиме во насока на етаблирање на нова галериска поставка на икони кои секогаш го привлекувале вниманието на посетителите од нашата но и од други држави. Таму ќе бидат конзервирани 96 икони, а целиот процес треба да биде завршен до верскиот празник Свети Никола, односно до 19 декември кој е и Ден на градот”, вели Зоран Читкушев, директор на оваа национална установа.
Паралелно со оваа активност, екипите на музејот работат на конзервација на Еврејските гробишта, како и на конзервација на археолошките наоди кои беа пронајдени при археолошките истражувања на локалитетот Баргала лани и годинава. „Дел од активностите кои сме ги планирале за тековната година се во насока на реализација на проекти за етаблирање на нова етнолошка постановка и осовременување на археолошкото депо. Во ова меѓувреме, со цел да го заштитиме вредното археолошко и народно богатство, поставивме сензори, ново осветлување и видеонадзор во депото. Работиме на изработка на посебни витрини во кои ќе бидат изложени поексклузивните експонати од етнологијата и на тој начин ќе станат подостапни за пошироката јавност”, посочува Читкушев.
Штип има повеќе објекти, пред се куќи, кои поради својата специфична архитектура се заштитени со Законот за заштита на културно наследство. Годинава штипскиот музеј ќе работи на обнова на фасадите на куќите со броеви 57 и 59 на улицата „Гоце Делчев”, како и на фасадата на куќата со број 49 на улицата „Крсте Мисирков”. Во овој период се работи и на изготвување на заштитни конзерваторски основи за Источниот плански регион, а во завршна фаза е и процесот на валоризација и ревалоризација на спомениците на културата кои се во надлежност на установата. „Кадровски сме сосема добро обезбедени, ја имаме материјалната поддршка од Министерството за култура, па нашата одговорна задача ќе ја извршиме според зацртаната динамика и со неопходниот висок квалитет”, убедува првиот човек на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј Штип.

(“Утрински весник”)

Останати вести