Владата ќе издаде нова еврообврзница од рекордни $ 950 милиона

Владата се решила на волкава сума зашто инаку нема пари за буџетска поддршка за 2016 и за 2017 година, како и за рефинансирање на обврските кои достасуваат по основ на отплата на државниот долг. Опозицијата предупредува дека на овој начин задолженоста на државата ќе скокне на речиси 55% и дека партијата на власт сака на овој начин “да ги купи” следните избори.

Македонија ќе издаде петта обврзница на меѓународниот пазар на капитал и ќе се задолжи за рекордни 650 милиони евра, решила деновиве Владата. Според образложението, со овие пари треба да се обезбедат средства за буџетска поддршка за оваа и за следната година (за плати во државниот и јавен сектор и за пензии) како и за рефинансирање на обврските кои достасуваат по основ на отплата на државниот долг. Одлуката е веќе објавена во “Службен весник”, каде што, меѓу другото, се прецизира дека рокот на достасување ќе биде до 10 години. Обврзницата ќе биде издадена преку лондонската подружница на Дојче банк, а ќе котира и со неа ќе се тргува на Ирската берза за хартии од вредност. Одлуката, инаку е потпишана од вицепремиерот Владимир Пешевски, а не од министерот за финансии Кирил Миноски, а нејзиното објавување коинцидира со почетокот на собраниската расправа за ребалансот на буџетот, со кој се предвидува зголемување на буџетскиот дефицит од 3.2 на 3.6 % од БДП.
Како што јави “Ројтерс”, македонските власти веќе им дале налог на на четири големи европски банки (Ситигруп, Дојче Банк, Ерсте груп и Сосиете женерал) да организираат состаноци со потенцијални инвеститори.
Издавањето на еврообврзницата беше очекувано поради празниот буџет и обврските што достасуваат. Последен пример беше задолжувањето на државата кај домашните банки за 12.5 милиона евра (иако беше најавено задолжување од 5 милиона) – пари без кои немаше да може да се исплатат пензиите на 7 јули. Но сумата на еврообврзницата предизвика големи реакции, со оглед дека најновото задолжување изнесува 5% од БДП на државата и со него вкупниот државен долг ќе надмине 54 % од БДП.
Инаку, домашните банки дадоа на знаење дека Владата нема да може понатаму да се задолжува во поголем износ на домашниот пазар, па како опција остана само меѓународниот пазар.
Гувернерот на Народна банка на Македонија, Димитар Богов, изјави дека одлуката за издавање еврообврзница е на Владата.
„Уште од 2012 година во континуитет укажувам дека е неопходна фискална консолидација која би го свела буџетскиот дефицит на ниво кое ќе го стабилизира јавниот долг, односно нема да го зголемува јавниот долг како процент од БДП”, вели гувернерот Богов.
Минатата година, кога беше издадена четврта еврообврзница, намерата на Владата беше да се задолжи за 500 милиона евра. Но, бидејќи тогаш во Министерството за финансии имаше дополнителен заменик-министер од СДСМ сумата беше преполовена. Тогашниот дополнителен заменик-министер Кире Наумов побара од министерот Зоран Ставрески да образложи за кои ставки ќе се употреби толкава сума. На крајот, се постигнал договор земјата да се задолжи со 270 милиони евра, а министерот Ставрески изјави дека со тие пари се обезбедени средства за целата 2016 година. Очигледно тоа не било точно.
Инаку, побарувачката од инвеститорите за македонската обврзница ланскиот декември изнесуваше дури 632 милиони евра.
Универзитетскиот професор Марјан Петрески предупредува:
„Парите од обврзницата не знаеме за што ќе се трошат, односно провејува впечатокот дека ќе се трошат за алиментација на сите претходно дадени ветувања, како и на оние кои би следувале во предизборниот период. Оттука, нема структурно поместување во водењето на фискалната политика, дури би рекол дека тоа се влошува”, вели Петрески.

Останати вести