Европол во својот последен извештај предупреди на порастот на малициозни програми кои кружат низ системот на банкомати и тврди дека се во опасност сите што ги користат.
Бидејќи во светот постојат над трилиони банкомати од кои годишно се подигаат околу 8,6 милијарди евра, мрежата на банкомати им станала многу интересна на сајберкриминалците. Хакерите направиле специјални програми со кои провалуваат во банкоматите, поради што повеќе не мораат да ги користат традиционалните методи на провалување во нивните сефови.
На извештајот работеле Европол и Тренд микро, компанија која веќе со години е во врвот на фирмите кои се бават со таканаречената длабочинска безбедност, односно безбедноста на самите сервери. Во него е опишано на кој начин сајбер нападите врз банкоматите стануваат сè пософистицирани, детално испланирани и оркестрирани, и тоа со користење на нови методи и техники, но и веќе познати вектори на напади.
„Нападите врз софтверскиот дел од банкоматите сега претставуваат закана која исклучително брзо се развива, и како таква ја препознаваат и индустријата и безбедносните агенции. Центарот на Европол за компјутерски криминал веќе учествуваше во неколку истраги заедно со националните полиции”, објасни првиот човек на центарот на Европол ЕЦ3, Стивен Вилсон.
„Во овој извештај се наброени неколку клучни препораки за спротивставување на овој криминален тренд. И е многу важен документ за координација на активностите во борбата против експанзијата на организираниот криминал во оваа област”, додаде Вилсон.
„Соработката на Тренд микро и ЕЦ3 е доказ за нашето долгогодишно уверување дека технолошките и безбедносните компании мора да соработуваат со инспекторите за да бидеме пред софистицираните сајберкриминалци”, објасни Рајмунд Жене, главен експерт за технологија во Тренд микро.