Тимот на Ferrari е категричен дека не може да прифати ограничување на трошоците. Директорот на тимот, Матио Биното посочува дека 145 милиони американски долари е минимум што Ferrari може да го прифати, а ако границата е пониска, тоа би можело да го присили неговиот тим да ангажира персонал во други тркачки серии – нешто што не сака да се случи.
Разговорите помеѓу тимовите на Ф1, FIA и Liberty Мedia за нивото на ограничени трошоци кое стапува на сила следната година, треба да продолжат и оваа недела.
Оригиналното ниво од 175 милиони американски долари, поставено пред пандемијата на коронавирус, беше прифатено како превисоко и имаше консензус за спуштање на околу 150 милиони американски долари. Сепак, минатата недела се случија неколку потези кои подразбираат уште подраматични кратења, што не им оди во прилог на големите тимови бидејќи тоа ќе ги присили значително да ги намалат работните места. Една од дискутираните идеи беше спуштање на нивото на 145 милиони долари следната година, а потоа и на 130 милиони долари во 2022 година – но овој предлог не доби едногласно одобрување.
McLaren фаворизира ограничување на буџетите на само 100 милиони долари и се плаши дека било што друго може да го загрози постоењето на тимовите.
Биното смета дека постои опасност за Formula 1 ако се оди пребрзо кон екстремно намалување на трошоците.
– Но доколку сегашната вонредна состојба го доведе во прашање постоењето на некои наши конкуренти, тогаш Ferrari би бил отворен за натамошни намалувања. Тоа не е страшна работа, имајќи предвид дека веќе се случувало во Formula 1, а се случува и денес во серии како што е MotoGP, вели Биното.
На ваквото размислување веднаш се спротивстави McLaren. Главниот извршен директор Зак Браун вели дека аргументите на Ferrari „не држат вода”. Тој не смета дека со кратење на буџетот на тимовите Formula 1 би го изгубила статусот на елитно автомобилско тркање, а не се согласува ниту со изјавата дека не се сите екипи во натпреварувањето поради профит.
– За жал, нема многу тимови, доколку ги има, кои заработуваат. Многумина во тркањето вбризгуваат пари од нивните други бизниси, без разлика дали тоа е производство на пијалоци или патнички автомобили. Сега сме во таква ситуација што ако Formula 1 продолжи со своите стари навики, постои голема опасност воопшто да има иднина. Јас секогаш сум за добра и здрава дебата, но мислам дека коментарите кои доаѓаат „не држат вода”. Мислам дека сите признаваме оти во овие времиња минуваме низ најголемата криза која светот ја видел. Државите се затвораат, индустриите се гасат, а да не се реагира на она што се случува, мислам дека е критична грешка. Тоа е живеење во негирање, вели Браун.
Ова не е прв пат Ferrari да поставува услови и на некој начин да се заканува со напуштање на Ф1 ако не е по нивно.
– Не би сакал да го напуштат спортот. Не би сакал да видам заминување на кој било тим од спортот и секако никој не сака вакво нешто да се случи. Сепак, мислам дека спортот може да преживее со 18 болиди на гридот и мислам дека некој друг производител на мотори може да влезе и да ги снабдува двата тима кои користат мотори на Ferrari, вели извршниот директор на McLaren.