Македонската полицијата кон крајот на декември изврши претрес во два стана во населба Чаир каде се најдени мала количина марихуана кај лицето Имер Бекири, додека кај неговиот брат Захир Бекири наречен Чаушот биле откриени фалсификувани документи, обраци за лични карти и пасоши, печатач и секач.
Во компјутерите се најдени уште и подготовки за фалсификувани пасоши, лични податоци (со адреси и матични броеви) на 120 македонски државјани, како и десетици илјади (неофицијално 70,000) снимки од прислушувани разговори. Третоосомничен е Аднан Сума, кој во скопското подземје наводно гласи за најдобар фалсификатор во државата.
Со оваа акција се смета дека е откриен изворот на 105-те фалсификувани лични карти од аферата што ја објави неделникот “Фокус”. Според полициската истрага ниедна од тие лични карти не била користена за гласање, туку најверојатно се користени за добивање социјална помош или здравствено осигурување.
Захир Бекири веднаш е испратен во Идризово, на отслужување затворска казна за претходно дело “изнуда”. Другите двајца – неговиот брат Имер и Аднан Сума се ослободени без никакви услови!?
За Чаушот и за Сума веднаш проструија фотографии на кои тие се сликани со министерот за внатрешни Оливер Спасовски и со лидерот на СДСМ Зоран Заев.
Јавните обвинители само еднаш се појавија пред јавноста кога потврдија што е најдено при полицискиот претрес..
– Повеќе обвинители постапуваат по предметот. Дадени се наредби за истражни дејства до одделението за организиран криминал во МВР, има наредби за вештачења, извршени се претреси и разговори со повеќе лица. Вештачењето ќе потрае барем два месеца, рече помошник-јавниот обвинител Јован Цветановски.
Но деталите во јавноста веќе во серија излегуваат преку порталите “Прес24” или “Курир”. Така, се дознава дека најголем дел од подготовките на пасоши за фалсификување се турски патни исправи – со најмалку еден ист пасош каков што беше покажан во снимката од ланската афера за фалсификувани пасоши што проструи во јавноста. Во почетокот се тврдеше дека биле најдени готови обрасци со фалсификувани бугарски пасоши на кои стоеле имиња на високи функционери од ВМРО-ДПМНЕ, како и фалсификувани банкарски извештаи (од швајцарски банки) за наводни суми исто така на имиња на функционери од власта. Тезата е дека биле наменети за идна нивна дискриминација пред изборите.
Се слушна и информацијата дека во компјутерот на Чаушот се пронајдени 70.000 прислушувани телефонски разговори кои биле сместени во посебен фолдер со наслов „Заев СДСМ”. Подоцна се разви тезата дека најголем дел од нив биле на лица од Косово и Македонија, кои наводно биле спремни за уценување и тргување со на косовските и политичарите Албанци во РМ. Медиумски беше направена и врска помеѓу Чаушот (како извор) и новинарот Зоран Божиновски (како лиферант) на дел од овие материјали.
Лидерот на опозицијата Зоран Заев лично не демантираше дали тој му ги дал снимките на Захир Бекири, но потврди дека имал средби и фотографии со него бидејќи Чаушот е член на СДСМ! Со слично објаснување беше и министерот Оливер Спасовски, кој се огради со зборовите дека секојдневно се среќава и се фотографира со разни луѓе.
Во врска со снимките од прислушуваните разговори последната информација објавена од “Прес24” е дека истрагата открила оти Захир Бекири Чаушот имал интензивна телефонска комуникација со сопругата на Зоран Верушевски веднаш откако таа беше ослободена од притворот (како обвинета во “Пуч”).
Главната поента – дека е откриена “фабриката за фалсификувани лични карти” – се темели врз податокот за пронајдените 120 илјади лични податоци на граѓани од Македонија. Извори од истрагата откриле дека базата на податоци е добиена од еден од мобилните провајдери во земјата. Според изјавата на пратеникот Илија Димовски, кај Чаушот бил пронајден и извод од Избирачкиот список за Општина Центар, ама не онаков каков што добиваат сите партии туку “онаков каков што имаат државните органи”.