Документите во сопственост на Фејсбук во кои пишува дека социјалната мрежа на огласувачите им покажува како имаат можност да препознаат тинејџери кои се „чувствуваат несигурно, безвредно и на кои им е потребно подобрување на самодовербата”, се појавија во јавност.
Во интерниот извештај кој го подготвиле директорите на Фејсбук, а кој го добил „The Australian”, пишува дека компанијата ги надгледува објавите и фотографиите во реално време, за да одреди како се чувствуваат младите луѓе – „дали се под стрес„ „дали се чувствуваат поразено”, „дали се преплавени со емоции”, „анксиозно„, „нервозно”, „глупо”, „блесаво”, „бескорисно”, и на крај како „губитници”.
„The Australian” истакна дека документот го подготвиле двајца директори во австралиската канцеларија на Фејсбук, Дејвид Фернандез и Енди Син. Во документот наводно е објаснувањето како социјалната мрежа собира психолошки податоци за средношколци, студенти и млади Австралијанци и Новозеландѓани. Син во Фејсбук е задолжен за односи со огласувачките агенции.
Презентацијата која ја доби „The Australian”, а која не ја објави, наводно е направена за една од најголемите австралиски банки, а во неа стои дека Фејсбук има база податоци за млади корисници на оваа мрежа – 1,9 милиони средношколци, 1,5 милиони студенти и три милиони вработени Австралијанци. Фејсбук поседува информации за промените на расположение на своите млади корисници кои се темелат на „интерни Фејсбук податоци”, а кои не се јавно достапни.
Фејсбук на пишувањето на „The Australian” одговори со две пишани изјави. Во првата се извинија и кажаа дека е отворена истрага за предметот.
„Сакаме да разбереме што тргна лошо, па според тоа ќе преземеме дисциплински и други акции” – кажа од Фејсбук. Но, во другата изјава тие го критикуваа „The Australian” поради “наведување погрешни заклучоци”, тврдејќи дека компанијата не поседува алатки кои би овозможиле издавање на корисниците врз темел на нивната емотивна состојба. Социјалната мрежа рече оти документите настанале врз темел на истражување кое го спровело Фејсбук и го поделило со огласувачите. Тоа истражување наводно требало да им помогне на маркетинг компаниите подобро да сфатат како се изразуваат луѓето. Фејсбук одби да ја исклучи можноста дека слични истражувања за емотивната ранливост на тинејџерите се направени за огласувачите и маркетинг компаниите за пазарите надвор од Австралија.
Во интерната преписка од Фејсбук која ја видел „The Guardian” стои оти еден високо позициониран работник на Фејсбук, пишувањето на „The Australian” го опишал како „хушкачко”. Според пишувањето на „The Australian”, огласувачите можеле да дознаат кој корисник е во врска или не е, каде се наоѓа корисникот, колку пријатели има и колку често се вклучува на Фејсбук преку телефон и компјутер. Весникот тврди дека Фејсбук исто така има информации за корисниците кои зборуваат за својот изглед и самодоверба, вежбање и губење вишок килограми. Фејсбук може да анализира и како корисниците ги искажуваат своите емоции, и како визуелно комуницираат.