Фестивал на храната во Мелбурн

Со звуците на македонските традиционални инструменти, кавалот, зурлата, гајдата и тапанот, беше отворен Македонскиот фестивал на храната во популарниoт Williamstown. Авион го вееше големиот банер испишан со Macedonian Food festival.

Илјадници посетители со голем интерес ги следеа настапите на седумте културно уметнички друштва, песните на Иван Радевски како и гостите од Сиднеј, КУД Илинден, ги импресионираа посетителите со својот совршен настап, изведувајќи сплетови од Источна и Северна Македонија, Пијанец и Шопска Петорка. Официјално фестивалот го отвори претседателот на Македонско Австралиската организација, Лидија Нешковска која нагласи дека овој фестивал е од огромно значење за македонската заедница а во организацијата се вклучени голем број организации, друштва, ученици, наставници, волонтери без чија помош не би можело тој да се одржи. Потоа говори одржаа и конзулот на Република Македонија во Мелбурн, Австралија, Бети Коруновска, Aцо Талевски, Лидија Нарашанова Смилевска, асистент за македонските учители во Австралија, Andrew Elsbury и фудбалската ѕвезда Питер Дајкос. Оваа година повторно настапија со рецитали и песни за Македонија и учениците од Викториското училиште за јазици од Кило Даунс. Своите музички таленти ги покажаа и младите Адриана Спасевска, Џулија Димовска, Џесика Поцев, Шанел Саботкоски, Сара О’Конор, Љупчо Ангелевски со песни од Тоше и групата MDX.

На повеќе од дваесет штандови се продаваа македонски традиционални јадења, мазници, кифли, тиганици, гравче тавче, сарма, тулумби и многу други специјалитети во кои уживаа посетителите.

Инаку, Македонскиот фестивал на храната се одржа под слоганот Македонско и вкусно, за да се презентира на еден препознатлив начин пред австралиската заедница.

Ова беше уште една прилика да се отслика македонската традиција, култура, јазик и фолклор, својствени за Македонците каде и да се во светот.

Македонската Заедница во Викторија континуирано презема активности на секое поле и со тоа придонесува за развој на мултикултурното општество во Австралија, како и за јакнење на нашиот идентитет како македонска нација.

Гордана Димовска

Останати вести