Светската фудбалска асоцијација сака фудбалската сезона да се продолжи кога ќе се процени дека тоа е можно што значи дека во секоја земја во различно време ќе продолжи да се игра фудбал.
За разлика од европската асоцијација УЕФА, која инсистира сезоната во сите европски земји да се заврши до крајот на јуни или евентуално до крајот на јули, ФИФА не сака да прави притисок и да одредува временски ограничувања.
Се очекува челниците на ФИФА со ваков став да излезат во јавност во наредните неколку дена, но засега не се знае како ќе реагираат од УЕФА. Ќе се потчини, најверојатно.
ФИФА сака сите натпревари во националните лиги и во меѓународните натпреварувања да се одиграат до крајот за да може лигите и екипите да заработат од ТВ правата, за да може од оваа кризна и вонредна состојба да излезат со што помали загуби.
Според челниците на ФИФА, Премиер лигата како најатрактивно домашно натпреварување би продолжило во септември.
Договорите на играчите да важат до завршувањето на сезоната
Светската куќа на фудбалот ќе излезе и со свој предлог договорите на играчите да не завршуваат на 30 јуни, термин кој е вообичаен, туку да имаат продолжена важност до новиот датум на завршување на сезоната. Истото би се однесувало и со новите договори, кои, наместо на 1 јули како досега, на сила би стапиле по завршувањето на обврските на спортистот во претходниот клуб.
Во случај на поклопување на сезоните во две првенства, а притоа клубовите не успеат да постигнат договор, предност ќе има клубот за кој веќе настапува фудбалерот и тој ќе може да го задржи до крајот на сезоната.
А, како што стојат работите, актуелната сезона најверојатно ќе заврши на крајот на август.
Според италијански „Газета дело Спорт” финалето во Лигата на шампионите ќе се одигра на 15 август, а новата сезона ќе започне во октомври. Коронавирусот е причината што ФИФА донесе и уште една одлука, да ја помести старосната граница кога се однесува на фудбалерите кои ќе имаат право за настап на олимписките игри.
Олимпијадата во Токио е одложена за 2021 година, па ФИФА одлучи играчите кои имале право на настап на игрите годинава, да може тоа да го сторат и догодина.