Фијаско на странскиот кризен инжинеринг?

Минатата седмица беше мошне бурна за македонската политичка сцена. Поради несомнено клучното влијание што врз состојбите во земјата ги има таканаречената “меѓународна заедница”, еве што беа пораките на странските политичари и амбасадори до актерите на политичката криза во Република Македонија.

Могерини: Договорот од Пржино и кредибилни избори се од суштинско значење

Политичките партии во Македонија да работат заедно за создавање услови за веродостојни избори што е во интерес на државата и на граѓаните, повика високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Федерика Могерини. Таа, покрај еврокомесарот Јоханес Хан, по се изгледа ќе преземе поактивна улога во комуникацијата со македонските политичари.
“По последните случувања во Македонија, особено во однос на подготовките за предвремените парламентарни избори во јуни, разговарав со лидерот на СДСМ Зоран Заев. Во разговорот што следуваше по неколкуте контакти со комесарот Јоханес Хан и Делегацијата на ЕУ во Скопје, се согласивме дека е неопходно сите политички партии да продолжат да работат заедно за обезбедување кредибилни избори во интерес на државата и на граѓаните”, се вели во пишаната изјави на Могерини што ја објави нејзиниот кабинет бидејќи самата беше во Етиопија.
Таа воедно нагласува дека имплементацијата на Договорот од Пржино и приоритетните реформи остануваат од суштинско значење за земјата.
“Во тој контекст спроведувањето на политичките договори вклучувајќи ги и итните реформски приоритети е од клучно значење. Заедно со САД ги поддржавме сите партии и засегнати страни во овие напори и ќе продолжиме да го правиме тоа и во наредните клучни недели. Ги повикуваме сите партии да останат целосно посветени на договорениот процес”, вели Федерика Могерини.

САД и ЕУ: На 6 април се пропушти можноста да се подготват кредибилни избори

Политичките лидери на Македонија имаат одговорност пред своите граѓани да ја вратат земјата назад на евроатлантскиот пат преку спроведување на нивните политички договори и на итните реформски приоритети, порачаа во заедничко соопштение амбасадите на ЕУ и на САД во Скопје, по распуштањето на Собранието и најавата за бојкотот на изборите на 5 јуни од страна на СДСМ.
„ЕУ и САД ги поддржуваат сите партии и другите учесници во процесот на нивната работа за создавање услови за кредибилни избори. Ова подразбира прочистување на избирачкиот список, спречување на било каква форма на заплашување или притисок врз гласачите и обезбедување фер медиумско покривање. Извесен прогрес е направен на овие полиња, но останува уште многу работа. Тоа е одговорност, не само на државните институции да подготват кредибилни избори, туку и на политичките партии. На 6 април се пропушти таква можност”, се вели во писмената реакција на америкаснкиот амбасадор Џес Бејли и на евроамбасадорот Аиво Орав.
Оттаму порачуваат дека заедно со другите меѓународни партнери, ЕУ и САД ќе продолжат да поддржуваат демократски развој, што вклучува и избори и ја поздравуваат работата на Државната изборна комисија, како и напорите на граѓанското општество во унапредување на оваа цел. Американската амбасада и ЕУ најавуваат и дека одблиску ќе ги следи случувањата и ќе продолжи да ги споделува своите гледишта.

Иво Вајгл: Ако СДСМ не учествува на изборите на 5 јуни ќе биде сериозен удар за Македонија

Според европратеникот Иво Вајгл, одлуката на СДСМ да не учествува на изборите на 5 јуни може да биде сериозен удар не само за процесот на демократизација на земјата, туку и за нејзината стабилност и европска иднина во целост.
“Обвиненијата за неправилности, недостигот од транспарентот и одложувањето на имплементирањето на Договорот од Пржино треба сериозно да се разгледаат. Европската комисија и Европскиот парламент, заедно со претставниците на САД, вложија големи напори за да осигураат дека претстојните избори ќе ѝ дадат шанса на земјата за нов почеток на патот кон евроатлантските интеграции” изјави европратеникот Вајгл, кој воедно е изготвувач на извештаите за прогресот на Македонија пред Европскиот парламент.

Останати вести