Ако било за да имаат лепче, зошто не ги вработи во фирмите на Заеви?
По Брат Љубе и Командант Хоџа… ќе дојде ли и Мирка Велиновска?
Да се биде “надворешен советник” на премиерот Зоран Заев испадна дека е позиција со државна плата за утеха на разни личности кои во минатото и сегашноста имаат некаква (маргинална) улога во македонскиот политички живот. се чини како премиерот да решил ваквите личности да ги здоми, ако ништо друго барем да ги има блиску до себе. За арно или за лошо допрва че види(ме).
Пред некое време братот Љубе Бошковски стана советник “за странски инвестиции и контакти со десничарските партии во светот” (!?), а деновиве и некогашниот командат на УЧК Џезаир Шаќири доби место на надворешен советник “за внатрешната безбедност и борба против радикализмот”!? Со нето-плата од АУ$ 900 месечно.
На интернет-страницата на Владата стои дека “Претседателот на Владата по сопствен избор и слободна процена може да ангажира надворешни соработници, како на пример: професори, научници, истакнати стопанственици и стручни лица”. Е, арно, ама чуму му се овие што ги знаеме?
Претпоставката е дека ќе му помогнат во државната работа, односно да биде подобар премиер. И имаме право да се сомневаме во избраните.
На крајот на краиштата, ако навистина единственото образложение на Заев за ангажирањето конкретно на брат Љубе и Командант Хоџа е “за да им се даде лепче” (како што не убедува), тогаш се поставува нормално прашањето: Па зошто тогаш не ги ухлеби во некоја од фирмите на кланот Заеви, наместо да ги става на списокот на бели јаки (white collars)!?!?
Враќање на некакви претходни сметки
И аналитичарот Алајдин Демири се согласува дека некои од советниците не служат за да советуваат туку за враќање на некакви претходни сметки.
“Тие на некој начин се фиктивни, непостоечки функции, а функцијата премиерот може многу покоректно да ја врши со ангажирање на професионалци за одредени теми, но некои од советниците не се професионалци и тоа е проблемот” вели Демири.
Инаку вкупно 47 луѓе, според официјално објавениот список кој во моментот стои на страницата на Владата, се вработени во кабинетот на премиерот Зоран Заев. Кај 30 од нив до позицијата што ја извршуваат стои називот советник, а кај 13 од нив и терминот посебен советник. Не сите од нив се вработени од актуелниот премиер.
Шаќири, инаку, е надворешен соработник, какви што премиерот има неколкумина, а внимание предизвика и именувањето на контроверзниот Србин Зоран Башановиќ за соработник за економски прашања.
Без реакции во јавноста не поминаа ниту именувањето на Лазе Еленовски за специјален пратеник на Владата на Република Македонија за НАТО интеграции во Брисел и на Глигор Ташковиќ за меѓународен член на Комитетот при Фондот за иновации и технолошки развој.
Двајцата добија позиции од владата на Заев, иако беа соработници на неговиот претходник Никола Груевски, чии резултати во работењето како премиер тој жестоко ги критикуваше.
МВР ТВРДИ ДЕКА НЕМА АКТИВНА ПОТЕРНИЦА ЗА ШАЌИРИ
МВР тврди дека нема активна потерница за Џезаир Шаќири, новиот соработник за безбедност и борба против радикализам во кабинетот на Заев.
Шакири на социјалните мрежи мината година објави дека се вратил во својот дом во Скопје и дека последните десетина години се криел по планини како „качак” затоа што бил принуден да бега поради потерница од дома, но дека бил неправедно гонет од предходниот режим. Шакири, како што пренесоа медиумите на албански јазик, напиша дека очекува од новата власт и премиерот Заев да има еднаков третман како и сите други граѓани.