Македонија го возобнови традиционалниот филигрански накит

Занаетчиската комора на Скопје организираше Денови на филигранскиот накит – манифестација на која 11 мајстори пред очите на публиката во “Сити мол” го претставија овој занает што до пред некоја година беше пред изумирање.

“Скопје и Македонија повторно станаа препознатливи по својата традиција за изработка на филигрански накит кој е спој на старото, традиционално, со современото. Успеавме да го вратиме овој занает со сиот свој сјај. Преку 100 учесници поминаа обука во новата, модерна филигранска работилница, а голем дел од нив отворија и свој бизнис. Нивните производи се продаваат насекаде во светот”, изјави Никола Петров, првиот човек на Занаетчиската комора на Скопје.
Посетителите на ова манифестација можеа на лице место да видат како се изработуваат обетки, брошови, ѓердани, алки, прстени…
“Шест години се занимавам со филигрански накит. Одлучив тоа да ми биде професија до крајот на живтот. Покрај љубовта кон филигранот кој е постојано присутен во моето семејство, имав и многу идеи за дизајнирање накит. Барав начин да ги реализирам”, изјави Катарина Дода, филигранистка и потпретседател на Занаечиската комора – Скопје. Таа има свое студио за изработка на филигран. Главно продава на настани, а својата уметност ја презентира низ целиот свет. И претстои еден од најдобрите светски фестивали за заштита на стари занаети кој се одржува 12 години во Санта Фе, САД, фестивалот за стари занаети во Оксфорд, потоа и Турција, Израел,…
Како што вели, во Македонија филигран повеќе купуваат странци, пред се поради куповната моќ.
“Кај нашите потрошувачи има голем интерес, но сепак странците повеќе купуваат. Цената на филигранскиот накит зависи од моделот, од времето и материјалот кои се потребни. Кога работите уникатен производ, секако цената е повисока за разлика од некоја серија, иако никогаш не можете да ги повторите сите модели”, вели Дода, додавајќи дека за изработка на обетки со средна големина се потребни два до три дена.
Деновите на филигрански накит се одржуваат веќе трета година. Според претседателот на Комората, Никола Петров, голем е интересот за изучувањње на филигранскиот занает.
“Се радувам што успеавме да го вратиме ова автохтоно занимање. Ќе го изгубевме, како што се случи со другите занаети. Филигранот во Македонија се изработува многу векови наназад. Зависно од времето, се менувал материјалот за изработка, но никогаш техниките и вештините. Филигранот го среќаваме во нашите женски народни носии како колани, пафти, низалки за гради, обетки и се друго што служело за украсување на женските носии. Во прво време украсите се изработувале од бакар, а подоцна од сребро”, раскажува Петров.
Од јуни Комората започнува со новашестмесечна обука, а капацитетот е веќе пополнет. Оваа обука трае шест месеци, со по 20 часа неделно а на крајот се полага мајсторски испит што е сертифициран од Министерсвото за култура.
“Се уште сме изненадени од тоа колку е голем интересот, но повеќе сме изненадени од профилот на луѓето. Скоро сите се академски граѓани, многу малку има среднисти, а ниту еден не е со основно. Занаетот го учеше и една професорка на Скопскиот универзитет, но и хирург-ларинголог. Во филигранството наоѓаат мир, спокојство и задоволство”, нагласи Петров.
Манифестацијата Денови на филигранскиот накит е со тенденција да прерасне во традиција. Целта е оживување на традиционалните културни вредности и брендирање на филигранскиот накит по кој е препознатлива Македонија.

Останати вести