„Сведок” е насловот на новиот филм на режисерот и сценарист Митко Панов. Неговиот филм побудува интерес не само затоа што Панов важи за еден од најнаградуваните режисери, туку затоа што филмот има актуелна тема, типична за балканските простори.
Во него се трага по генерал на ЈНА, кој треба да биде клучен сведок против друго воено лице што го суди Хаг. Сведокот го игра филмската легенда Бруно Ганц. Сценариото на филмот веќе доби две меѓународни награди, вклучително и специјалната награда „Kишловски” на скипт-текст.
Може ли повеќе детали за содржината на филмот? – На кратко тоа е приказна за еден млад службеник од судот на Хаг, кој доаѓа во една балканска земја за да најде клучен сведок на одредени настани од почетокот на војната. Сведокот бил генерал на ЈНА, а потоа димисионирал. Неговиот лик го игра Бруно Банц, кој во филмот се вика Никола Радин. Името на приправникот од Хаг е Винс Харингтон и актерот е Ирец. Од Македонија е ќерката на генералот, Наташа Петровиќ, која ја толкува улогата на Инес. Поради тоа што Радин има ќерка и семејна ситуација, ограничени се неговите движења. Филмот почнува како судска драма продолжува како политички трилер и на крај завршува како семејна и морална драма.
Дали филмот отсликува животнa приказнa на воен командант од Балканот? – Филмот има пристојна дистанца од каква било политика, од каква било препознатливост. Секое споменување е шпекулација. На прес-конференцијата во Битола самиот Бруно спомена едно име од Балканот и дека политичкиот момент го вовел во филмот, што за мене беше изненадување зашто за тоа не сме разговарале. Во моментот кога ќе спомнеме реални имиња, одиме во еден хаос и заблуда. Тогаш веќе престануваме да зборуваме за филмот. Во него се потсетува на она што сме го виделе и слушнале. Но, сите актери се сурогати на луѓе за кои или сум прочитал или сум ги знаел лично или сум ги измислил.
Беше ли тешко да се добие големиот Бруно Ганц? – Тежината беше во тоа што требаше да се чека неколку месеци да го прочита сценариото, па да се сретне со режисерот. Тоа му беше услов. Моето искуство е дека колку е подобар глумецот, толку е попрофесионален и со него поедноставно се работи. Пресудно беше глумецот да биде Швајцарец поради финансирањето. Секоја земја си дава своја партиципација. За Швајцарија да го финансира овој проект требаше да има швајцарски актер. Јас од прво без никакво размислување реков ако мора да биде Швајцарец, нека биде Бруно Ганц. Да не се согласеше, можеби и филмот немаше да се сними.
Живеете во Швајцарија. Дали во странство има повеќе работа за нашите режисери? – Мојата сопруга половина е Швајцарка. Во Швајцарија сме од семејни причини, а не од професионални. Но човек треба нешто да работи, па јас одлучив да се занимавам со она што го работев цел живот, со филмот. Упорно продолжив и во новата средина со старата професија. Ја основав продукцијата „Kамера 300″. Секако дека има тешки моменти и во Швајцарија и во Македонија. Моите колеги без разлика дали се во Швајцарија, Македонија или во Америка понекогаш размислуваат: „Што ќе ми е ова, зошто не одберам посериозна професија?”. Секој ден во нашите професии е предизвик.
Kако ја оценувате македонската кинематографија? – Во македонската кинематографија се случи едно мало чудо, експлозија на филмови во последните осум години. Зголемен е буџетот за снимање, дадоа економски стимулативи за да ги привлечеме странските продуценти. Македонија е една од најинтересните земји од регионот, а една од поинтересните и во Европа. Но, мислам дека е време по долги години да се сними наша серија, која ќе биде на високо ниво и ќе може преку реклами да собере повеќе средства отколку од кинобилети и да се продава во соседството.
(“Дневник”)