Мешовита полициска патрола во реонот на с. Богородица околу 05:30 часот во понеделникот забележала три патнички моторни возила „ауди”, сите со скопски регистарски ознаки.
Првото возило имало улога на „чистач”, додека во другите се превезувале мигранти. Во координација со друга патрола направен е обид за сопирање на возилата, кои на даден знак „СТОП ПОЛИЦИЈА” не застанале и со голема брзина наместо кон Скопје продолжиле со движење кон Валандово, при што едното возило кај раскрсницата Брајковци-Пирава-Валандово излетало од коловоз и се превртело, при што возачот го напуштил местото на настанот, а со повреди се здобиле осум мигранти, кои со две амбулантни возила се пренесени во ГОБ-Гевгелија, каде им се констатирани телесни повреди. Се работи за шест лица од Мароко и две од Пакистан.
Мешовитата патрола продолжила со следење на другото возило по регионалниот пат Струмица-Штип и во близина на с. Градошорци заедно со патрола од ПС-Струмица било сопрено при што во возилото пронајдени се 10 илегални мигранти и тоа четири од Либија, две од Пакистан, три од Алжир и еден од Мароко, како и возачот З.Р.(28) од Скопје.
Третото возило не е пронајдено.
Се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на настанот.
Од МВР информираа уште дека во вторникот бил приведен шверцер од Албанија, кој превезувал 12 илегалци. Полицијата го забележала околу 1 часот на автопатот Скопје- Гевгелија во близина на село Удово. Албанецот А.Е.(25) управувал автомобил „фолксваген шаран ” со скопски регистарски ознаки. Во возилото имало мигранти од Сомалија, Иран и Бангладеш. Шверцерот бил уапсен, а мигранти се приведени и пратени на граничниот премин Богородица за понатамошна постапка.
