После калциумот, фосфорот е најзастапен минерал во човековото тело. Во природата се наоѓа во вид на соли и се јавува во три облици: бел – отровен, виолетов – неотровен и црн – најстабилен. Името го добил од грчкиот збор phosи pheroskoje кои значат носител на светлост, затоа што фосфорот во темница свети.
Овој макроелемент заедно со калциумот е главна компонента на коските и забите. Кај возрасен човек го има во околу 500 – 700 грама, од кои 85% се во коските. Остатокот се наоѓа во сите клетки на меките ткива во облик на фосфолипиди, фосфопротеини и неогрански фосфати. Во облик на фосфолипиди, фосфорот е главен структурен дел на клеточните мембрани. Неговото дејство е поврзано со она на калциумот. Фосфорот е дел од структурата на нуклеинските киселини ДНА и РНА. Неопходен е во метаболните процеси за создавање на енергија потребна за живот и нормално функционирање на телото, изградба и обнова на клетките, и многу други. Производството на енергија во нашето тело зависи од аденозин трифосфат и креатин фосфат, супстанци во кои фосфорот има главна улога. Поголем дел од Б комплекс витамините не би можеле да го остварат своето делување без фосфор. Исто така овој минерал помага во одржување на нормалната pH вредност во телото. Со исхраната го внесуваме преку млеко, сирење, јајца, путер од кикирики, риба, луцерка, легуминози, ореви, овошен сок од малина и рибизла, кафеав ориз. Најмалата количина која би требало да ја внесуваме во текот на денот за возрасни е околу 700 мг. Апсорпција на фосфорот од храната се одвива во тенкото црево и изнесува околу 70% од вкупната количина која се внесува. За негова апсорпција потребен е витамин Д.
Дефицит на фосфор може да настане заради гладување, опекотини, малапсорција, бајпас на тенко црево, дефицит на витамин Д. Симптомите се слабост на мускулите, болки во коските, конфузија, трнење и печење во стапалата и подложност на инфекции. Тежок недостаток може да доведе и до смрт (ретко, но состојби како алкохолизам, дијабетес, кетоацидоза, анорексија може да допринесат за ова). Хипофосфатемија не може да се санира преку исхраната, па се внесуваат додатоци во облик на растворливи фосфати. Суфицит на фосфор доведува до зголемена концентрација во крвта, но без видливи симптоми. Она што ќе се појави како симптом е резултат на некоја друга болест. Настанува заради ендокрини пореметувања, акутна и хронична бубрежна инсуфициенција, стрес, хемотерапија или зголемен внес.