ФРАКЦИЈА ВО ВМРО–ДПМНЕ: Неколку членови бараат партиски реформи

Неколку членови на ВМРО­-ДПМНЕ бараат итни партиски реформи, поради неуспехот на партијата да остане на власт.

Тие велат дека целта на оваа иницијатива е демократизирање на партијата и нејзино враќање во рацете на членството. Еден од членовите на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Михајловски, рече дека последниве години донесени се многу одлуки без согласност од неколку илјади членови на партијата, кои што бараат промени.
„Согледувајќи ја актуелната состојба во која се најде нашата партија на целосна внатрешна и надворешна изолација, како резултат на недостатокот од внатрешен демократски капацитет, формиран е Републички штаб за внатрешна демократизација на ВМРО-ДПМНЕ. Треба да се направат измени во статутот за кој се залагаме, гарантираме еднаквост и недискриминирање на сите членови на партијата без оглед на нивната национална или верска припадност, почитувајќи ја работата на искусните активисти, кои учествувале во изградбата на партијата. Органите на партијата имаат одредени обврски да ги спроведуваат политиките на членството, нешто што недостасуваше сите овие години, што ја доведе партијата од улога на победник, во улога на губитник”, изјави Александар Михајловски.
Членовите на ВМРО-ДПМНЕ кои јавно се побунија против сегашното раководство на партијата, велат дека нивната идеја ја поддржуваат многу членови.
На прашањето дали ќе покренат и иницијатива за смена на претеседателот на партијата – Никола Груевски, Михаловски со дипломатски одговор:
“Промената на статутот е прв чекор. Важно е повторно да се востанови тајно и непосредно гласање на членовите за избор на функционери на партијата. Груевски е запознаен со иницијативата”, вели Михаловски, но го очекува неговиот став.
Во официјалниот коментар, преку соопштение, ВМРО-ДПМНЕ одговори:
„Лага во функција на туѓ интерес е дека статутот на ВМРО-ДПМНЕ е недемократски. Статутот на ВМРО-ДПМНЕ е истиот според кој самопрогласените реформатори биле бирани во минатото на позиции во комисии и општински штабови во партијата, а некои од нив истите ги извршуваат до ден денес.
Причините за незадоволството на оваа мала група се чисто лукративни, а не демократски. Затоа, повикот за „реформи” не дојде ни после победите во 2006, 2008, 2011 или 2014 година, туку токму сега кога дел од нив се соочуваат со веројатна промена од работните позиции на кои се наоѓаат и прекин на месечниот паушал кој го примаат, поради промената на власта во Македонија.
Тоа значи дека како и во минатото, така и денес има луѓе кои од лукративни причини измислуваат т.н. демократски повод чија причина е да создадат раздор во партијата и да одработуваат за туѓи интереси.
Колку е апсурдно барањето за реформи, говори и фактот што неколкумината незадоволни потврдуваат дека политиките на актуелното раководство доведоа до тоа партијата 11 години по ред да ја добива поддршката од народот на избори и како што и самите велат, во моментов да биде најмоќната партија. Тоа што им пречи на неколкумината незадоволни е фактот дека ВМРО- ДПМНЕ следејќи ги принципиелните политики и волјата на гласачите се одлучи да не влегува во непринципиелни коалиции за формирање на Влада во кои би се правеле договори на штета на иднината на Република Македонија. Алчноста за функции на поединци не може да премине преку оваа вистина”, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Кои се луѓето кои бараат реформи во ВМРО-ДПМНЕ?
Александар Михајловски, кој во име на групата реформатори на партијата зборуваше пред новинарите, е член на ВМРО-ДПМНЕ уште од 1996 година. Бил член на Правната комисија и на комисијата за политики надвор од партијата, член на Централниот и Извршниот одбор. Од 2002 до 2005 година бил правен застапник на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор. Бил и адвокат на ВМРО-ДПМНЕ до 2011 година. Михајловски исто така бил овластен претставник во Државната изборна комисија од ВМРО-ДПМНЕ.
Петар Богоевски е член од 1995 година, како претседател и основач на општинскиот комитет во Крушево, а раководел и со неколку партиски органи. Работи како државен советник за недвижности и правни работи во Министерството за одбрана.
Костадин Богданов веќе шест години е владин претставник во Европскиот суд за човекови права во Стразбур и бил претседател на општинскиот комитет на Центар. Тој е редовен предавач на Академијата за судии и обвинители.
Александар Стојчевски е помошник директор во Секторот за правни и општи работи во ЈП за изградба и стопанисување со станбен простор. Потпретседател е на општинскиот комитет Аеродром и поранешен претседател на УМС на Аеродром.

Останати вести