Француските воени сили добиле дозвола да почнат истражувања за развој на „надградени војници” со бионички протези за поголема сила и мобилност, со супстанци што би ги засилиле перцепцијата и когнитивните способности или со вградени чипови за подобра координација и комуникација.
Во документот на Министерството за одбрана се дефинирани условите за вградување импланти и други технологии, дизајнирани со цел да се зголемат капацитетите на војниците да дејствуваат на бојни полиња во иднината. Притоа се забележува дека „и други земји веќе работат на вакви концепти, па и Франција мора да го одржува чекорот”.
Мораме да се соочиме со фактите. Не секој ги споделува нашите скрупули и мора да бидеме подготвени за што и да носи иднината. Барем засега, нема планови да се развива „инвазивна” технологија за војниците, туку ќе се прават напори да се изнајдат начини да ја задржиме оперативната супериорност без да им свртиме грб на нашите вредности – изјави пред една недела министерката за одбрана, Флоранс Парли.
Луѓето долго време истражувале начини како да ги зголемат своите физички, когнитивни, перцептивни и психолошки способности за да стекнат предност при војување. Можните напреднати технологии може да водат кон вградување направи на телото што би ги надградиле капацитетите на војниците – се наведува во документот.
Притоа се споменуваат истражувањата на протетички, механички и компјутерски импланти што би го зголемиле „мозочниот капацитет”, што на војниците би им помогнало да разликуваат непријател од сојузник, а на командирите на единиците би им овозможило од далечина да ја надгледуваат позицијата на војниците и директно да ги следат нивните витални показатели.
Во документот е наведено дека е „од најголема важност е да не бидат прекршени етичките норми”. Строго се забрануваат генетски модификации, како и „какви било интервенции што би ја загрозиле интеграцијата на војникот во општеството и неговото враќање во цивилниот живот по крајот на воената обврска”.