Фридман: Зборовите „пари“, „апси“, „уапси“, „глуп“ и „ѓубре“ се најчесто употребувани во објавените „бомби“

„Во текстот на ‘бомбите’ излегува дека ‘будала’ е во јака конкуренција со ‘идиот’, кој се среќава со истиот број појавувања. Друга модерна заемка ‘морон’ се појавува четири пати, но сепак ‘глуп’ победува со педесет примери, вели лингвистот, академик д-р Виктор Фридман, кој направил научно-лингвистичко истражување на прислушуваните материјали што беа објавени од опозицијата. Тој во Институтот “Крсте Мисирков” во Скопје одржа предавање „Јазикот на бомбите како автентичен македонски разговорен јазик”.

Професорот потенцира дека во истражувањето биле разгледувани 130.000 зборови, употребени во прислушуваните разговори. За него „бомбите” се јазичен корпус кој може да даде огромен број заклучоци за говорот на современата македонска елита, што е важно за лингвистите. Начинот на кој се воделе разговорите е посебно интересен бидејќи, вели Фридман, тие се спонтани, а ова особено се однесува на пцостите.
Во неговата анализа на јазикот на “бомбите” тој посебно се осврна на употребата на турцизмите како пример за разговорен јазик, а споредбата ја правел со „За македонцките работи” на Крсте Петков Мисирков, кој имал тенденција за словенизирање на јазикот. Фридман вели дека во “бомбите” има 3 пати повеќе турцизми отколку кај Мисирков – 82 со 2.555 примери.
„Истражувањето е извршено само од лингвистичка гледна точка, без разлика дали материјалите што ги разгледував се вистинити или не. Ова е ретка можност да се собере соодветен материјал што ќе даде релевантни податоци за неформалниот говор во Македонија”, потенцираше професорот на Универзитетот во Чикаго.
Според Фридман, македонските говорители ги употребуваат турцизмите во неформалната комуникација, односно тие се дел од уличниот говор. Нагласува дека турцизмите во „бомбите” се користени многу повеќе од србизмите, иако се присутни и едните и другите. Напоменува дека имало и други дијалекти, а не само скопскиот, кој доминира во снимките.
Зборовите пари, апси, уапси, глуп и ѓубре се најчесто употребуваните во бомбите, изјави Виктор Фридман. Според него, најкористен е турцизмот „пари”, кој во бомбите е користен 110 пати. По него, следува зборот „глуп”, користен 50 пати, „апси” или „уапси” 13 пати, зборовите „ѓубре”, „муабет”, „парче”, „будала” и „идиот”, кои се користени повеќе од десет пати, “батали” 6 пати, зборот “морон”, кој е користен 4 пати, како и „збоктиса”, „мајтап”, „пиштолџија” и „театарџии”, кои се користени по еднаш.
Фридман е истакнат професор на општествени науки на Универзитетот во Чикаго. Тој има свој оддел во Одделението за лингвистика и е вонреден професор во Одделот за антропологија. Има објавено голем број статии на англиски, македонски и албански јазик и е член на МАНУ. Поради големата научна работа и популаризација на македонскиот јазик има добиено македонски пасош.

Останати вести