ОТВОРЕНО ПИСМО
Ги повикуваме САД и членките на ЕУ наместо очекуваните санкции кон Република Македонија и нејзините граѓани, истите да ги изречат кон лицата и партиите кои не го почитуваат договорот од Пржино, кои го суспендираа владеењето на правото и кои ја погазија општата граѓанска согласност за евроатланска интеграција на Македонија, се вели во соопштението на здружението ФРОДЕМ.
„Бараме државите членки на ЕУ и САД како и сите добронамерни држави пријатели на Македонија и македонските граѓани, на сите лица чии имиња се наоѓаат на ништовните одлуки, на нивните најблиски роднини, како и персоната Ѓ. Иванов, да им изречат забрана за влез во нивните држави како и да им ги блокираат фирмите и да им ги замрзнат банкарските сметки доколку ги имаат во нивните држави. Овие мерки да траат сè до завршувањето на започнатите постапки и до докажување на нивната невиност.
Исто така бараме од акредитираните амбасадори во Република Македонија истите овие личности да не ги покануваат на официјални приеми и средби и да ја суспендираат секоја идна комуникација со нив сè до завршување на кривично-правните постапки.
Оваа барање се однесува и на членовите на Советот на јавни обвинители кои постојано ја опструираат работата на Специјалното јавно обвинителство како и на судиите на Уставниот суд на Македонија кои сносат сериозна одговорност за своето непрофесионално работење и однесување и кршење на Уставот и законите на државата”, се вели во соопштението на ФРОДЕМ.