Јапонија ќе потроши 57 милијарди долари за обнова на регионите погодени од земјотресот и цунамито во 2011.
Јапонската влада усвои нов петгодишен план за обнова на североисточните региони на Јапонија, кои беа погодени од катастрофален земјотрес и цунами на 11 март 2011 година.
Документот предвидува за таа цел до 2020 година да бидат потрошени 6,5 билиони јени (околу 57 милијарди долари).
„Владата ќе ги вложи сите напори за да им ја обезбеди целата неопходна помош на жителите на регионот. Луѓето можат да се чувствуваат безбедно”, изјави јапонскиот премиер Шинѕо Абе на седница на Горниот дом на парламентот.
Министерот за обнова на Јапонија по земјотресот, Цујоши Такаги, нагласи дека многумина од жителите на погодените региони сè уште живеат во привремени живеалишта и додаде дека владата ќе се погрижи да го реши тој проблем што е можно поскоро.
Новата петгодишна програма почнува во април. Од 2011 година јапонските власти потрошија околу 225 милијарди долари за активностите за обновување и ликвидирање на последиците, пренесуваат агенциите.
Отстранувањето на нуклеарното гориво од нуклеарната централа „Фукушима”, во која за време на земјотресот дојде до протекување на радиоактивно зрачење и која претрпе тројна криза по цунамито во 2011 година, може да трае 40 или повеќе години, пишува „Гардијан”.