Фустаните на Матичевски доминираа на традиционалниот женски ден на трките во Мелбурн

Третиот, женски ден од традиционалните австралиски пролетни трки со коњи како што впрочем и се очекуваше, го привлече сето внимание на јавноста.

Токму овој ден се смета за еден од најстилските во Австралија кога се појавуваат некои од тамошните најпознати ѕвезди и девојки кои се препознатливи по уникатниот стил.

Оваа година, честа да биде избрана за девојка со најдобар стајлинг ја имаше шармантната 21 – годишна Броди Ворел која на раскошниот настан се појави во фантастичен бел фустан на дизајнерот со македонско потекло Тони Матичевски.

Второпласираната девојка на традиционалниот избор на најстилска девојка на австралиските трки Ники Гоган, 27, изгледаше подеднакво прекрасно како и Броди, во црно – бела креација на Матичевски со извонреден цветен принт и геометриски фигури по страните.

Во едноставен, но неверојатно нежен и шармантен бледо розов фустан со длабок шлиц на Матичевски се појави и миленичката на Австралија, манекенката и ТВ презентерка Џенифер Хокинс која пленеше со својата убавина.

Женскиот дел што се одржува традиционално во рамките на манифестацијата пролетни трки со коњи во Австралија, е ден кога тамошните стилски дами ги избираат најубавите креации и шапки од дизајнерите и се борат за наградата најстилска дама.

Она што е особено интересно е фактот што на овој моден настан се доделува и најскапата награда во Австралија, односно победничката дома си оди со 400.000 австралиски долари и нов автомобил Лексус проценет на околу 77.000 долари.

„Едноставно го обожувам овој фустан, тој е толку женствен и прекрасен”, изјави младата Броди Ворел која за инвестицијата од 1.250 долари за фустанот на Матичевски, доби повеќе од 400.000 долари и нов автомобил, а исто така беше прогласена и за „ИТ” девојка на пролетните трки.

Последна во низата светски ѕвезди кои сѐ повеќе ги обожаваат креациите на Тони Матичевски, е и манекенката Каролина Куркова која на годинешните GQ награди во Берлин се појави во негов фустан што одлично и прилегаше!

Останати вести