Многу тешко ги договараме и решаваме работите, па дури и оние што се од национален и државен интерес, предупреди вчера поглаварот на МПЦ-ОА, архиепископот г.г. Стефан.
Тој чиноначалствуваше со светата архиерејска литургија што по повод празникот Источен петок – Балаклија се одржа во црквата „Света Богородица” во Тетово.
Пред присутните г.г. Стефан порача да размислуваме за христијанските придобивки и со нашиот живот и нашите дела да потврдуваме дека воскресението живее и во нашите души и оти сме народ на верата и на Бога.
– И ние самите, но и другите, забележале дека сме добродушен, кроток и гостопримлив народ. За други сме подготвени да дадеме се што имаме и лебот од устата, што вели народот, да го поделиме со други. Од кај нас во Македонија гладен и жеден никој не си отишол. За други сме подготвени да дадеме и она што за себе малку имаме. Тоа веројатно е најмногу поради христијанското во нас поради евангелското во душата на македонскиот човек. Но, има и нешто за кое треба да се прашуваме зошто е така бидејќи сосема сме други кога се во прашање меѓусебните, македонски односи и работи – рече г.г. Стефан.
Тој потсети дека дури и за духовните, црковните работи, кога расправаме, најпрвин ги гледаме личниот, партискиот, а не заедничкиот интерес.