Сандра и Александар се ќердосаа!

Минатиот викенд во Галичник традиционално се одржа 43-то издание на Галичката свадба, на која годинава младенци беа Сандра Станковиќ (24), која по потекло е од Галичник и Алкесандар Ристески (28).

Младенците се венчаа во црквата „Свети Петар и Павле”, а манифестацијата ја проследија и многубројни туристи од земјата и странство.
Тие имаа можност да проследат 30-ина оригинални свадбени обичаи. Во двата дена, со звукот на тапани и зурли беа преставени: канењето на сватовите, кумот, свекрвино оро, гледањето низ прстен, носењето на невестата на вода, поставувањето на свадбарскиот бајрак, канењето на мртвите, бричењето на зетот, земањето на невестата, замесувањето на лебот и редица други обичаи кои биле дел од свадбените веселби на мијаците во минатото.
Со овации и громогласен аплауз беше поздравена изведбата на „Тешкото” – оро на печалбарите, кое го изведоа играорци. Свадбарската веселба се чувствуваше на повеќе локации низ Галичник и траеше до утринските часови.
Првато издание на Галичка свадба се одржало во 1963 година. Од 1990 година посебна комисија избира двајца млади кои ќе се венчаат на Галичката свадба. Еден од предусловите е барем еден од младите да потекнува од галичко семејство.
Во Галичник, една најголемите населби во мијачкиот крај, сега постојано живеат само двајца жители, но околу празникот Петровден доаѓаат илјадници посетители и туристи, а најбројни се токму за манифестацијата Галичка свадба.

Останати вести