Фолк-пејачката Сузана Гавазова, по четири години пауза, повторно се подготвува за турнеја во Австралија. Ова е нејзино осмо патување во Австралија, каде што, како што вели, секогаш си поминува убаво бидејќи има многу публика.
„Паузата ја направив бидејќи се омажив и станав мајка. Емели и Селена беа мали за да можам да ги оставам толку долго сами. Зависеа од мене. Сега веќе потпораснаа и може да бидам отсутна пет недели, колку што ми трае турнејата. Ќерките ќе ми ги чуваат мајка ми и татко ми. Дополнително ангажирав уште две жени, дадилки, а тука се сестра ми и внука ми, кои ќе се најдат. Сите во моето семејство ги претворив во дадилки, но мора така бидејќи со мене ќе замине и сопругот Јасмин. Тој изрази желба да ја види Австралија, бидејќи јас секогаш имам само убави зборови за оваа држава и за нашинците таму”, вели Сузе.
Таа е презадоволна од досегашните осум турнеи во Австралија, особено поради тоа што таму многу се почитува и се слуша македонската музика.
„Секогаш кога одам во Австралија, си поминувам убаво. Публиката таму сака македонски песни и секогаш кога одам, им носам нови песни. Така е и сега. Им носам цел албум со нови песни и плус албум со стари македонски песни. За сите песни, и за старите и за новите, имам снимено видеозаписи. Имам осум концерти и три настапи на приватни забави. Заминувам заедно со групата ‘Болеро’. А додека да заминам, ќе снимам уште еден спот. Денес заминувам за Бугарија, каде што со Николај Скерлев од продукцијата ‘Пајнер’, под чија закрила е популарната телевизија ‘Планета’, ќе снимам спот за песната ‘Само ти’. Речиси за сите песни од новиот албум снимив спотови, за ‘Македонка’, ‘Празник на љубовта’, ‘Умирам по тебе’, ‘Сузе” итн.”