Србија со прв геј-премиер на Балканот и прва жена на чело на владата

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ја именуваше Ана Брнабиќ, која отворено е хомосексуалка, за мандатар за премиер на Србија.

Вучиќ соопшти дека Брнабиќ го информирала оти може да обезбеди мнозинство од пратениците во парламентот. Тој истакна и дека таа е вредна, поседува стручни и лични квалитети, и дека е уверен дека ќе покаже почит кон партиите од кои очекува поддршка и дека ќе работи на напредокот на Србија.
41-годишната Брнабиќ ќе стапи на чело на владата помалку од една година откако влезе во политиката, кога во август минатата година стана министерка за јавна управа и локална самоуправа. Се додава дека се очекува таа да стапи на должност во следните неколку недели.
Ројтерс констатира дека станува збор за прва жена премиер во српската историја и прво отворено геј лице на позицијата премиер на целиот Балкан.
Изборот на Ана Брнабиќ за премиерка на Србија предизвика не само изненадување, туку и хаос во владеечката Српска напредна партија (СНС).
Претходно, дури и шпекулациите за нејзиниот избор наидоа на критики од страна на повеќе партии, па и од Српската Православна Црква.
Српски „Блиц” објави дека шест членови на партијата Единствена Србија, чиј лидер е Драган Марковиќ Палма, нема да гласаат за изборот на Брнабиќ за премиер,а единство по ова прашање очигледно нема ниту во партијата на Вучиќ – СНС.
„Хаос е во партијата. Оваа одлука беше изненадување за многумина. Малку е веројатно дека сите наши пратеници ќе кренат раце за неа” – изјавил за “Блиц” извор од врвот на СНС.
Вучиќ лесно може да се најде во многу непријатна ситуација. Со оглед на тоа што парламентарно мнозинство предводено од СНС има околу 160 членови, изборот на новиот премиер може да биде доведен во прашање.
„СНС има свои 102 пратеници, а една третина секако не е задоволна со одлуката на Вучиќ” – вели истиот извор.
Ако навистина постои сценарио во кое 30 пратеници на СНС, меѓу кои шест од Единствена Србија му откажат послушност Вучиќ, изборот на Ана Брнабиќ може да биде доведен во прашање.

Останати вести