Судот во Мелбурн минатата седмица одлучи дека кардиналот George Pell, трет на хиерархиската скала во Ватикан, ќе му се суди поради голем број обвиненија за сексуално злоставување малолетници, направени во седумдесетите и осумдесетите години на минатиот век.
Иако отфрли дел од обвиненијата, судиката Belinda Wallington изјави дека е „задоволна” затоа што се собрани доволно докази за покренување судска постапка.
Така кардиналот Pell (76), стана највисокиот рангиран католички свештеник кому му се суди за сексуални престапи. Pell ја има третата по ранг од најважните функции, тој е „министер за финансии”, а таа должност папата Фрациско му ја довери во 2014 година, со цел работењето на Ватикан да биде потранспарентно.
Поради деликатноста на обвиненијата, деталите и природата на тужбите не се достапни на јавноста и ќе останат тајна. Како што јавуваат некои медиуми, над 60 минути кардиналот Pell внимателно, со скрстени раце, го слушал деталното образложение кое го прифати судиката. Кога судиката Wallington му се обрати, кардиналот Pell остана да седи, но со пригушен глас изговори: „Не сум виновен”.
Кардиналот и претходно ги негираше обвиненијата тврдејќи „дека е невин, обвиненијата се лажни, и целата идеја за сексуално злоставување за него е одвратна”. Во судницата влезе во придружба на голем број полицајци кои го штитеа од насобрани љубопитни луѓе, како и голем број новинари и фоторепортери. По објавената одлука дека ќе се одржи судскиот процес, откога е платена кауцијата, судиката го пушти кардиналот Pell на слобода. Но, му забрани да ја напушти Австралија, а судот набрзо беше известен дека кардиналот веќе го предал својот пасош.
Судот отфрли дел од обвиненијата против кардиналот
Lisa Flynn, адвокатката која застапува педесет злоставени лица, изјави дека судот докажал оти никој не може да биде над законот. „Ова е ветувачки чекор напред за сите жртви на сексуално злоставување”, заклучи адвокатката. Во март годинава над 30 сведоци дадоа изјави за време на сослушувањето, но тие не се достапни за јавноста, што е стандардна процедура во Викторија во случаи на сексуално злоставување малолетници.
Адвокатот на кардиналот, Robert Richter, изјави дека најлошите обвиненија против неговиот клиент се отфрлени, и на суд ќе ги оспори и сите преостанати сведоци. Кардиналот Pell дојде до оваа ситуација откако австралиската полиција во 2012 година почна да ги истражува широко распространетите тврдења за институционално злоставување и педофилија во католичката Црква. Се разговарало со голем број жртви кои тврдеа дека се злоставувани во црквите, сиропиталиштата, спортски клубови и училишта.
Католичката црква во Австралија и понатаму го поддржува кардиналот
Кардиналот Pell еднаш лично, а двапати преку видео врска од Рим разговарал со истражувачите поради обвинувања за свештеници педофили. Водството на Католичката црква во Австралија го поддржува кардиналот Pell тврдејќи дека тој е „сосема пристоен човек”.
Католичката надбискупија објави дека надбископот на Мелбурн, кардиналот Denis Hart „ја изразил својата доверба во правосудниот систем на Австралија и рекол дека правдата мора да го следи својот пат”.
Судењето на кардиналот Pell следи откога папата Фрациско призна дека сериозно погрешил во проценка на ситуацијата во Чиле, кога го бранел бискупот обвинет за прикривање злочини на свештеник педофил.
Папата, имено, за време на посетата на Чиле, застанал на страната на бискупот Juan Barros, осомничен оти молчел за сексуалните злочини на свештеникот педофил Fernand Karadim. Папата бил уверен во неговата невиност па побарал од жртвите дополнителни докази за вина. Ватикан го прогласил Karadim во 2011 година виновен за педофилија од 80-те и 90-те години, а неговите жртви го обвинија бискупот Juan Barros за соучесништво.
Подготовките за судењето би можеле да траат со месеци
Pell на времето бил надбискуп во Мелбурн, а потоа и во Сиднеј, а по наредба на папата Јован Павле II во 2003 година е именуван за член на моќниот ватикански Кардиналски колегиум. Ватикан објави оти на кардиналот Pell ќе му се продолжи отсуството кое му го даде папата Франциско.
„Светата столица е информирана за одлуката на правосудните тела во Австралија во врска со кардиналот George Pell. Минатата година, Папата му одобри на кардиналот Pell отсуство за да може да се брани од обвиненијата. Таа одлука се уште важи”.
Се уште не е одредено кога ќе се одржи судењето, но познато е дека Регионалниот суд во Викторија прво ќе треба да одреди 12 членови на порота, а подготовките за почеток на судската постапка би можеле да траат и неколку месеци.