Бодликавата жица служи за да се спречат кривични дела, а не деца и возрасни кои бегаат, велат од компанијата.
Германската компанија Мутанокс одбила да и продаде на Унгарија меѓу 9000 и 10000 ролни бодликава жица.
Како што објави „Ди велт”, Унгарија жицата најверојатно ќе ја купи од кинеска компанија, пренесува Анадолија.
-Бодликавата жица е наменета за спречување кривични дела, но деца и возрасни кои бегаат не спаѓаат во таа категорија, соопштија од германската компанија.
Бодликавата жица би чинела неколку стотини илјади евра.
Унгарскиот премир Виктор Орбан најави во средата дека неговата земја по жичената ограда на границата кон Србија, ќе гради ограда и на границата со Романија и на одредени делови од границата со Хрватска.
-Очигледно е дека рутата повеќе не оди преку унгарско-српската граница. Таа ќе оди во друга насока поради што одлучивме да изградиме ѕид кон Романија. Исто така ќе кренеме ограда и на одредени места долж хрватската граница, појасни Орбан.
Во средата бегалците ја пробија оградата и се обидоа да ја преминат границата, по што унгарската полиција употреби солзавец и водени топови.
Многу европски и други земји во светот, како и ОН, го критикуваа потегот на Унгарија да гради жичени огради долж границите.