Гинеколог девет месеци лажел жена дека е бремена, сега се прави на удрен

Гинекологот Никола Дамчевски не оспорува дека девет месеци лажел и манипулирал 40-годишна пациентка оти е бремена и тврди дека тоа го направил заради нејзино добро, со цел да ѝ се подобри репродуктивното здравје!? „Нема повреден орган, нема штета по здравјето и не гледам зошто јавноста треба да се занимава со овој случај”, изјави кратко тој.

Случајот со гинекологот од Скопје кој девет месеци лажел жена дека е бремена ја скандализираше јавноста. Според сторијата што ја објави “НоваТВ”, измамата на брачниот пар, кој над 15 години чекал дете, почнала во 2015 година а финиширала во април 2016, година кога трудницата требало наводно да се породи.
Брачниот пар се интелектуалци кои се надевале дека ќе го фатат последниот воз за жената да забремени поради нејзината возраст. Тие искористиле ваучер за ин-витро оплодување што го доделува државата и му се довериле на гинекологот кој бил специјализиран за тоа, а ординирал во една приватна здравствена установа во Скопје.
Кога ја слушнале долгоочекуваната вест дека жената е бремена, тие стекнале бескрајна доверба во лекарот и одлучиле сите прегледи за следење на бременоста да ги прават кај него.
Лекарот издавал терапија, меѓу која и инјекции „клексан” за да се спречи згрутчување на крвта. Жената за цело време додека била „бремена” по малку крварела, а лекарот ја убедувал дека тоа е вообичаено. Освен терапијата, лекарот вршел и мануелни прегледи на жената и ѝ го мерел грлото на матката.
Измамата ја терал толку темелно што на секој ехо-преглед на жената и давал принт од фетусот (кој знае од чие бебе), па со време го гледале како расте плодот. Дури им кажал дека имаат машко дете. Редовно им пуштал да ја слушнат срцевата активност на плодот (а всушност, како што подоцна признал, тоа бил звукот на неговото срце).
– Во конкретниот случај се работи за неверојатно нечовечка манипулација од посочениот доктор врз двајцата сопружници, во нивната желба да добијат дете, кое подолго време го чекале. За да нема дилеми во јавноста, се работи за двајца исклучително образовани и едуцирани луѓе, кои побарале стручна помош, и одбрале да веруваат дека со помош на овој доктор ќе успеат да добијат потомство. Во овој случај станува збор за изигрување на бескрајната доверба која овие двајца луѓе ја имале во докторот, бидејќи по подолго време ја слушнале веста која толку долго ја чекале – вели Ирена Фрчкоска, адвокатката која ја ангажирале оштетените.
Против гинекологот се поднесени три кривични пријави: за загрзување на здравјето, за измама и за фалсификати. Освен тоа за случајот ги известиле Министерството за здравство и Лекарската комора. Иако за случајот знаат цела година тие не превземале ништо од, како што велат, технички причини!?
Адвокатката Фрчкоска објаснува дека постои феномен во медицината познат како лажна бременост или псеудокиеза, која кај оштетената била постигната под дејство на постојана хормонална терапија, која во комбинација со психолошката сугестија и преголема желба за потомство, предизвикала состојба на лажна бременост. Оваа состојба предизвикува исти симптоми како и вистинската бременост. На жената ѝ пораснал стомак, почнала да чувствува движење во стомакот, се појавиле отоци и сл.
Жената одела на прегледи секоја недела заедно со својот сопруг, а докторот ги правел сите тестови кои се прават во текот на една бременост. Дури правел и скрининзи со писмени извештаи во кои е наведено дека на ехото се гледа плод во различна гестациска недела.
Дента, кога било предвидено наводното породување, докторот го тргнал на страна сопругот на „трудницата” и му рекол дека жената не е бремена, дека цело време додека мислеле дека е бремена, таа не била бремена. Му предложил на мажот да ѝ направат царски рез на жената и потоа да ѝ кажат дека бебето е родено мртво. Ги убедувал сопружниците дека сето тоа го направил за нејзино добро и за да ги подобри нејзините репродуктивни способности, како и дека после тоа ќе можат да имаат деца по природен пат.
– Докторот се соживеал со својата приказна, па дури во наводниот 9-ти месец вршел и мануелно мерење на грлото на матката и други прегледи кои се прават кај бремени жени кои треба да се породат. Не постои никакво етичко, научно или разумно објаснување од кои причини вака постапил посочениот доктор, но мора да се потенцира дека тоа го правел свесно и самоиницијативно. Последиците кои ги оставил овој случај врз двајцата сопружници се катастрофални, и на психолошки и на емотивен план. Но, она што е најважно е нашата цел да превенираме и да спречиме ваков или сличен настан да се случи на некоја друга жена, бидејќи овој доктор сега работи на ГАК, и е во секојдневен контакт со пациенти, а ова по наши сознанија не е прв пат – додава Фрчкоска.
Во тек е судскиот процес против гинекологот, кој не оспорува дека овој настан се случил. Оштетената, пак, бара тој да добие забрана за вршење на дејноста на лекар.

Се вработил во државното здравство иако од 2013 имал кривична пријава

Тужениот гинеколог се вика Никола Дамчевски и тој од септември ланската година преминал да работи на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје.
Од Клиниката велат дека немаат добиено официјален документ дека против гинекологот се води кривично дело и објаснуваат дека во времето кога тој направил работен трансфер од приватната клиника „Свети Лазар”, во ГАК немале информации дека тој е вмешан во некаков случај.
– Во процесот на негово префрлување од едно работно место на друго, немавме таква информација. Немаме правна алка за која можеме да се „фатиме” за тој да биде суспендиран од работа, сè додека не биде донесена правосилна пресуда за случајот за кој пишуваат медиумите. Од колегите со кои работи тимски на Клиниката за гинекологија, досега немаме забелешки дека гинекологот работи несовесно – велат од Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје.
Дамчевски и на ГАК работи токму на одделот за лекување стерилитет.
Меѓутоа, во Министерството за здравство уште од 2013 година има тужба против овој гинеколог. Поради слични измами со лажни бремености.
Образложението на Министерството е дека не можеле да не потпишат договор за негово ангажирање во државното здравство бидејќи против него до овој миг нема правосилна судска пресуда!?

Останати вести