На турнеја во Австралија минатава седмица ни пристигнаа мегапопуларните Ѓоко Јовиќ и Енерџи бенд. Енергичниот Ѓоко истакна дека со групата се подготвени, а дознаваме и од менаџерите дека картите за повеќето нивни концерти се веќе распродадени.
-Ние сме подготвени, веќе долго време наназад правиме проби и за нашите настапи како би требало да изгледаат таму, спремаме репертоар. Но пред се што ме радува во врска со турнејата во Австралија, слушнавме од нашиот менаџер Влатче Joвески кој ни пренесе дека концертите веќе се распродадени. За пет концерти мислам дека е веќе напишано SOLD OUT – вели Јовиќ.
Тие ќе одржат концерти во повеќе градови низ Австралија, а ова ќе биде 4-та по ред заедничка турнеја на Ѓоко и Енерџи. Со оглед на тоа што настапуваат пред Македонците во Австралија, кои важат за најпозитивна публика, нивните очекувања се дека ќе биде весело и дека прекрасно ќе си поминат и овој пат.
– Моите очекувања се како и секогаш. Дефинитивно најпозитивната публика, највеселиот народ. Јас мислам насекаде каде настапуваме и каде што ги има нашите Македонци тоа мора да биде весело и расположено на највисоко ниво, секогаш – додава тој.
Ѓоко вели дека не постојат зборови со кои може да ја опише гостопримливоста на Македонците во Австралија. На нивните претходни турнеи, тие секојдневно биле канети на гости кај нив, а за возврат кога нашите ќе дојдат во Македонија се пречекани на високо ниво од страна на Ѓоко и неговиот бенд.
