Најдобриот светски тенисер, Новак Ѓоковиќ, изнесе револуционерен став околу тоа како смета дека треба да се игра овој спорт во иднина, особено на гренслем-турнирите, кој веднаш беше „нападнат” од неговиот најголем конкурент, Рафаел Надал.
Србинот по триумфот над Шварцман (2:0) на завршниот мастерс во Лондон проговори на темата дали во иднина тенисот треба да се игра во два или во три добиени сета.
– Јас сум повеќе за тоа да играм во два освоени сета, на секој турнир. Но гренд слемови секогаш се играле по принципот “кој е подобар во петте одиграни сета”, историски секогаш било така, па не знам дали можно е да се смени. Но, јас само чувствувам дека имаме доволно турнири, доволно натпревари. Тенисот се состои од најдолгата сезона во сите спортови, трае од 1 јануари до ноември. Скоро секоја недела имате некаде турнир. Не гледам зошто би играле пет сетови, дури и ако има некои „историски причини”. Јас само мислам дека вниманието на навивачите, особено на помладите, е многу пократко, посочува Ноле.
Според Ѓоковиќ, една од причините за неговото размислување е што помладите генерации имаат сè помал опсег на внимание, а дуелите од гренслемовите може да траат подолго од мечеви во кој било друг спорт.
– Имаме една статистика која е прилично шокантна, а тоа е дека просечната возраст на еден љубител на тенис, ширум светот, е 61 година! Затоа мислам дека треба да промениме нешто. Тоа е барем мојот став, рече Ноле по победата над Шварцман.
Истото прашање го доби и Шпанецот, но неговиот одговор беше тотално различен.
– Јас сум целосно против чепкањето во бројот на сетовите на гренслем-турнирите, на кои секогаш имаме слободен ден помеѓу мечевите. Играњето во пет сета им ја дава потребната разновидност на тие турнири, а во исто време тоа е дел од историјата на нашиот спорт. Треба да бидете психички посилни, физички посилни и сето тоа да биде толку долго без запирање, две долги недели, вели Надал.