Ѓорѓи Лазаревски: Звонко е јунак што ги извади бомбите, влезе во канџите на системот и го уништи однатре

Ѓорѓи Лазаревски е еден од двајцата вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање кои ги спакуваа таканаречените “бомби” што го разобличија 11–годишното владеење на ВМРО–ДПМНЕ. Лазаревски за “Макфакс” зборува за работите кои и него, како вработен во УБК, го фрапирале кога ги открил.

Како се случи да се најдете во улога на укажувач за прислушуваните разговори?
– Решивме да собираме докази дека тоа се случува бидејќи како ќе докажеш дека нешто се случува ако немаш докази. А цело време размислувавме како да го пријавиме, а тоа да биде безбедно, без да бидеме загрозени, и сметавме дека е подобро да се чека. И во тоа чекање решивме да се вклучи нашиот поранешен директор, за среќа тој прифати и почна и да ги истражува сознанијата од тоа што е внатре, од тоа што ние го собиравме. Нам прво ни беше целта да собереме докази дека тоа илегално се прави, а потоа се фрапиравме од фактот дека тие меѓусебно се контролираат и всушност во тие разговори што ги водат меѓусебно дека има сериозни докази за криминал. И како полицајци, сите поранешни или сегашни, професионалниот инстинкт ни кажуваше дека тоа мора да се истражи, да се документира, да се направат досиеја и да се чека моментот кога тоа ќе се употреби на суд. Значи нам уште во стартот ни беше целта ова да оди на суд, а се надевавме дека ќе дојдат некои подобри времиња, дека ќе се смени нешто, дека ќе дојдат луѓе кои што ќе можат професионално да ги обработат тие досиеја кои што ние ги спремавме.
Кога го пријавивте прислушувањето во Македонија вие сте биле сослушувани и од еден обвинител што се наоѓал во МВР?
– Јас побарав да дојдам во МВР да расчистиме каков е мојот однос со Верушевски. Мислам дека тие што го организираа мојот разговор се надеваа дека јас ќе негирам оти воопшто имам некаква врска со Верушевски. Толку беше страшно како беше тој обвинет, што тие беа сигурни дека јас ќе речам дека не го познавам, не знам. Јас не можев да го сторам тоа. Човекот беше таму заради мене. Да не му кажев јас што се случува, тој немаше да дојде во таа ситуација. Јас не можев, како човек, да го оставам да биде обвинет за нешто што всушност заедно сме го правеле, а јас да не бидам тука до него. За жал, мораше да биде откриено дека и Звонко е инволвиран. Звонко си го потврди истото што го кажав јас и ние си ја зборувавме вистината. Што се случуваше со нас, беше во рацете на тие што ја водеа истрагата. За жал по мене истрагата не ја водеа обвинителите туку се водеше на многу повисоко ниво. И кога имате таков, да речам, обвинител кој што мисли дека знае се, смислија едно сценарио што беше толку провидно, што веднаш падна во извештајот на Прибе. За пресудата на Ѕвоно имаше цела една страница во извештајот на Прибе. Се беше објаснето. А истовремено додека тие спремале приказна за жолти комбиња и дека Верушевски кој знае од каде ги добил тие материјали, беа принудени да признаат дека двајца луѓе вработени во Петтата управа се инволвирани во целиот случај и дека материјалите потекнуваат од Петта управа. И потоа кога викате и со жолто комбе и од Петта управа веќе испаѓате смешни и полека, полека оваа приказна отпадна. На Звонко спогодбата и пресудата буквално го уништија целиот систем. Звонко е јунак што ги извади бомбите и јунак што влезе во канџите на системот и го уништи од внатре. Ние немавме доказ дека обвинителството работи се што ќе му кажат, а убаво се гледа со таква небулозна спогодба и пресудa дека луѓето сами се закопаа.
Каква очекувате да биде одлуката на Врховниот суд за Звонко Крстевски, каде постапката е заглавена повеќе од година дена?
– Одлуката е заглавена месец и пол откако се одржа јавната седница и ги собраа сите неопходни елементи. Требаше само да ја напишат одлуката. Која е причината што таа одлука не се пишува, не знам. За мене Звонко е слободен човек, тешко живее. Не е пријатно да се движиш по улица и да не знаеш кој ќе ти пријде. Знам дека му чукале по врата секакви типови, дека го малтретирале. Како преживеа и тој и неговото семејство нека му е алал, многу ми е криво, едвај чекам да го видам како слободен човек и слободно да се дружиме и да си разговараме, едноставно заедно да ја довршиме оваа тажна етапа од нашиот живот, но искрено се надевам дека отсега натаму свиркачите ќе добијат многу подобар третман од државата и дека ќе бидат охрабрени и на некој начин мотивирани да пријавуваат што може повеќе. Свиркачите се тие кои што ја контролираат апсолутната власт. Ние бевме многу блиску до диктатура. Можеби и бевме ама тоа што се спремаше да стане беше апсолутизам тежок, и не смеевме да дозволиме никогаш повеќе да се повтори.

(“Макфакс”)

Останати вести