На покана на на Македонската добротворна организација од Австралија (MCWA), поранешниот македонски претседател (во два мандата) Ѓорге Иванов дојде на Петтиот континент за да биде покровител на неколку настани од добротворен и хуманитарнен карактер што ќе се одржат во Мелбурн, Сиднеј и Волонгонг.
Претседателот Иванов со поддршка на овие хуманитарни активности се очекува да ја подигне свеста за да се помогне и придонесе за подобар третман на повозрасните лица од македонската заедница. Сите овие настани се поттикнати од фактот дека австралиската влада веќе има започнато промени и воведено реформи за поддршка и нега на лица во години од сите заедници кои живеат во државата.
Се очекува од овие настани поранешниот македонски претседател Иванов да испрати и порака за обединување на Македонците, апел дека сите треба да бидат единствени и сплотени и дека македонската заедница може да биде успешна, силна, прогресивна и просперитетна и да го јакне македонскиот етнички идентитет со тоа што ќе го јакне културниот, но и социјалниот придонес во австралиското општество.
Покрај традиционалните гала вечери: на 22 во Мелбурн и на 28 и 29 февруари во Сиднеј и Волонгог, на кои Иванов ќе има можност да се сретне со македонската дијаспора, планирани се и повеќе активности како посета на училиштето Лајлор Норт Прајмари (во кое наставата се одвива на македонски и англиски јазик), посета на општината Витлси и средба со градоначалничката од македонско потекло г-ѓа Емилија Лиза Стериовска, посета на канцелариите на Македонската добротворна организација од Австралија MCWA и средби со социјални групи, средби со преставници на македонската бизнис и академска заедница и уште неколку активности од хуманитарен карактер.
Во Волонгонг на 29 февруари, со почеток во 19 часот ќе има гала бал организиран од МПЦО “Св. Димитрија Солунски” во Sun Lounge Reception Centre на 12 Stewart St, во Wollongong.
Десетдневната посета на претседателот Иванов на Австралија ќе заврши на 1 март, на средба со Македонците во Сиднеј, на настан организиран од страна на фудбалскиот клуб “Сиднеј Македонија” во 12 часот, на 30A Clapham Rd. во Regents Park.



