Фудбалерот на Борусија Дортмунд, Џејми Ѓорговски, ја отфрли можноста да стане четврти Австралиец што заиграл за Македонија, инсистирајќи дека има очи само за зелено и золто (боите на австралискиот дрес – н.з.).
Шеснаесетгодишникот од Сиднеј, кој потпиша тригодишен договор со Борусија Дортмунд во март и веќе е стандарден во тимот до 17 години на бундеслигашот, решен е да го привлече вниманието на селекторот Тони Видмар наспроти понудата од Фудбалската федерација на Македонија.
Во почетокот од месецов играчот за врска на Сиднеј роден во Австралија, Никола Кулески, и играчот на годината во Националната младинска лига и член на Мелбурн Сити, Фил Петрески, го облекоа дресот на македонската репрезентација до 21 година, која ја победи австралиската селекција до 23 години со 3:1 во Скопје. Дефанзивецот на Мелбурн виктори, Даниел Георгиевски, одамна е сениорски репрезентативец на Македонија.
Срцето на Ѓорговски чука за Австралија, и покрај тоа што дојде на собирот на македонската репрезентација неодамна на покана од Федерацијата. Плејмејкерот што еднакво добро игра со двете нозе и поранешен дипломец на Скиларус и на Институтот за спорт на Нов Јужен Велс, чии родители Тони и Соња имаат македонско потекло, вели: „Сакам да играм за Австралија, земјата во која сум роден. Почестен сум од можноста што ми ја понуди Македонија, но ја одбив бидејќи многу повеќе би сакал да ја претставувам Австралија, ако добијам шанса. ФФМ извесно време контактираше со мојот татко, но јас лично би сакал еден ден да заиграм за ‘сокероси’. Тоа ми е целта. Се надевам дека во даден момент ќе добијам повик. Знам дека сега се вклучени многу фудбалери од континентот во репрезентацијата и можеби не толку многу од другата страна на океанот. Отсекогаш сум обожавал играчи како Марко Видука, Тим Кејхил и Хари Кјуел”.
Иронично, Ѓорговски посетуваше исто училиште (Њуингтон колеџ) со новопечениот македонски младински репрезентативец Кулески, па дури и играа во истиот тим. На момчето од Јагуна на југот од Сиднеј му се придружи семејството во Дортмунд, каде што играчот што го доби прекарот „Оркан” е стандарден член на екипата до 17 години, а играше и за таа до 19 години, која неодамна го докажа своето педигре со победата над славната Барселона од 4:1. Негов тренер е клупската легенда Ларс Рикен.